![kovid 19 pcr test](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/kovid-19-pcr-test.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 72-годишен државјанин на Турција кој се товари дека извршил кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
На 9-ти април, на граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје, обвинетиот употребил како вистинска лажна исправа – медицински сертификат за негативен PCR тест на SARS-COV-2 вирусот. Иако знаел дека документот е лажен, односно дека на 7-ми април не се тестирал во наведената лабораторија во Скопје, тој се обидел да ја напушти државата, употребувајќи го сертификатот пред овластените службени лица на аеродромот.
За истото кривично дело поведена е постапка и против двајца македонски државјани, маж и жена од Чегране, кои со лажна потврда за негативен PCR тест се обиделе да ја напуштат државата на 13-ти март. За нив надлежен јавен обвинител до Судот достави Предлог за издавање казнен налог со кој на Судот му предложи да им изрече парична казна од по 100 дневни глоби, а поединечната вредност на дневната глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.