Едните велат „поканет“, другите „прекасно“: Единствената вистина е дека Иванов не ни беше споменат!
Поканет бил или не претседателот на Република Македонија на денешната церемонија за поставување на знамето на НАТО пред македонската Влада? И двете страни имаат различен одговор на прашањето.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски беше дециден дека покана била испратена.
Престедалот на РМ беше поканет и преку курирска служба и преку електорнска покана истовремено и навремено како и сите останати кои беа поканети, вели Бошњаковски.
Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов за „Република“, пак, велат дека покана стигнала, да, но малку прекасно.
Кога заврши настанот ја добивме поканата за присуство на Претседателот Иванов, велат од кабинетот.
Поканет или не, столче за претседателот Иванов на церемонијата немаше, сите беа „соодветно“ пополнети.
Столчиња имаше за сите кои потврдија присуство, коментира на ова владиниот портпарол.
Место за претседателот немаше ни во говорот на премиерот Зоран Заев. Тој се заблагодари на сите претходни претседатели на Република Македонија, или, како што ја нарекуваше тој „нашата земја“ или „идната Република Северна Македонија“, но намерно или не, го изостави името Ѓорѓе Иванов.
Изразувам голема благодарност на претседателот Борис Трајковски, кој заедно со своите соработници ги загубија животите во авионска несреќа токму за време на нивната служба и мисија да ја направат нашата земја да биде почитувана, интегргирана и безбедна. Претседателот Трајковски и неговите соработници не смееме да ги заборавиме, завршија една од најзначајните работи во тешки и конфликтни времиња, кога со својата работа и храброст решително ја приближуваа Република Македонија кон НАТО алијансата и ги отворија ширум вратите на соработка.
Во друга мировна мисија во хеликоптерска несреќа во близината на Скопје загинаа 11 војници на Армијата, исто така миротворци кои се враќаа од мисијата АЛТЕА и нивните животи се во темелите на овие историски моменти. Му должиме голема благодарност и на првиот претседател и врховен командандант на Армијата, Киро Глигоров, кој уште од независноста на нашата земја со својата цврста заложба за мир се определи за евроатланските интеграци како најзначајна опција за иднината на земјата и за нејзините граѓани. Голем беше влогот и на претседателот Црвенковски за што оддавам признание, рече во неговиот говор Заев.