Едвај се преживуваше месецот, поскапувањето на струјата ги „дотепа“ граѓаните

Корона кризата го уништи и онака кревкиот животен стандард на граѓаните. Отпуштањата од работа и намалените плати во комбинација со секојдневните поскапувања ставија тешко бреме врз грбот на луѓето кои се трудат не да живеат, туку да преживеат. Еден од последните удари на семејниот буџет е поскапувањето на струјата.

-Дали е реална и најниска цената на електричната енергија во регионот? Одговор: не е воопшто реална, а ниту најниска !!! Гледано според платата кои ја земаат граѓаните во Македонија и се спореди со останатите земји, излегува дека Македонија има највисока цена за електрична енергија – тврди претседателот на Стопанската комора за енергетика на Македонија, Ѓорѓи Манасков.

Според него донесување на ваква одлука во време на економска и финансиска криза, пандемија и период кога се уште немаше формирана влада  е некоректен чин за ваков дополнитен трошок на граѓаните и компаниите.

-Ја замолуваме Регулаторната комисијата за енергетика да ја повлече оваа одлука и да се преиспита. Како граѓани и компании, не сме во можност да им се спротивставиме, но што ќе се случи зимоска, кога цената на електричната енергија е најголема, а тие во сред лето ја поскапуваат? Што се случува ? Наместо да се поттикне инвестирање во обновливи извори на енергија и нивно субвенционирање и финансиска помош за изградба тие и тоа го стопираа – вели Манасков.

Заради излегување од енергетската криза, на седница на Стопанската комора за енергетика, членовите на комората и нејзиниот претседател побараа од Владата:
1. Да се формира Министерство за енергетика.
2. Да се укине Регулаторна комисија за енергетика и обврските за жалби од граѓаните и компаниите кои ги имаат како проблеми ги преземе Стопанската комора за енергетика, како и издавањето на лиценците и останатите обврски.
3. Да се намалат роковите и документите кои се потребни за добивање на лиценца.
4. Правото на доделување концесии за Мали Хидроцентрали да му се одземе на Министерство за Животна средина и да се додели на комората или доколку се отвори новото Министерство за енергетика.
5. Секое физичко лице може да добие лиценца за производтсво на електрична енергија од било кој извор на енергија, за да може вишокот да го продава на лиценциран снабдувач или трговец.

Инаку одлуката што ја донесе Регулаторната комисија за енергетика пред еден месец за зголемување на цената на струјата за 7,4 проценти, односно 5,9 денари за еден киловат скапа струја предизвика бурни реакции и во јавноста.

Во петокот во неколку градови низ Македонија имаше протести против поскапувањето на струјата.

Демонстрантите во Гостивар, како и во другите градови, бараат институциите да ја повлечат одлуката за поскапување на струјата. Додека не го постигнат ова, тие велат дека протестите нема да престанат.

-Она што сите треба да го разбереме е дека оваа битка не е против никого. Оваа битка е за правда. Овие протести се заради самоодбрана, за правото на граѓаните на оој град, на овој регион и на оваа државата, да се заштитат од економската агресија што ни се прави. Почитувани граѓани, не смееме да заборавиме дека ова ќе се одрази секој месец на вашите сметки и постојано ќе го погодува вашиот џеб секој месец, вашата семејна економија, и така веќе влошена – рече Селајдин Абдули, член на организациониот совет на протестот.

Со поскапувањето на струјата за 7,4 проценти сметките ќе пораснат во просек за 180 денари месечно односно 2.200 денари годишно. Ова значи дека секое домаќинство со просечна потрошувачка за една година ќе треба да плати дополнителни 2200 денари повеќе за струја. Ова е плус оптеретување по џебот на граѓаните. Со ова поскапување на цената на струјата дополнително оптеретува 564.000 домаќинства во Македонија годишно само по основ сметка за струја. Поскапувањето на цената на струјата со себе повлекува и раст на трошоците за живот.