Македонците ова лето најверојатно нема да го исклучуваат телефонот кога ќе одат на плажите во соседна Грција. Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) до грчките колеги достави предлог за намалување на цените во роаминг за околу 70 отсто, што треба да стартува од 1 јули. Но дали ќе се прифати од грчките оператори се уште е неизвесно.
Од АЕК велат од интересот од Грците е нула, но дека постои политичка волја меѓу двете земји. За да се натераат грчките оператори да ги снижат цените за Македонците, грчката Влада ќе прави законски измени за да може регулаторот да им наметне новите, поевтини цели на операторите. Ова решение е реципрочно, ќе важи и за грчките туристи кои ќе ја посетат нашата земја.
Појдовен повик од 1 јули треба да чини 0, 29 евра, а во јули 2021 година 0,19 евра. Цената на испратени СМС пораки од јули годинава би чинела 0,09 евра, а 0,08 евра, односно 0,06 евра од 2020 односно 2021 година. Добиените пораки ќе бидат бесплатни, велат од АЕК.
Граѓаните, посебно младите се радуваат на поевтиниот Интернет и телефонија.
Намалување ќе има и кај роамингот во регионот. Од јули ќе поевтинат разговорите за 50 до 70 проценти со Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово. Ова поевтинување е поизвесно зашто се прави под закрила на Европската комисија. Во вторник во Охрид е закажана меѓународната регулатрона конференција на која, на која меѓу другото, шестте земји ќе се договораат за новите цени.
Нашиот сосед Бугарија, кој во 2017 година најави дека ќе биде првата земја членка на ЕУ во која за македонците нема да се наплаќаат дополнителни роаминг трошоци за мобилни разговори, пораки и Интернет се уште нема ништо. Меморандумот остана само на хартија.