Во последниот натпревар од 11-то коло од шпанското фудбалско првенство, Еибар го совлада Виљареал со 2:1, постигнувајќи го победничкиот гол во петтата минута од судиското продолжение.
Домашните поведоа во 62 минута со голот на Кике, а израмни Жерар Морено во 88 минута, а кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, по несреќа на гостите прецизен беше Фабиан Орелана.
За Еибар ова е само трета победа сезонава, додека Виљареал го впиша четвртиот пораз. Еибар е 14-ти со 12 бодови, а Виљареал остана седми ссо 17 бодови.
Во вториот меч во четвртокот, Мајорка и Осасуна одиграа 2:2, откако домашните двапати беа во водство, но гостите успеаја да извлечат бод.
Мајорка и двата погодока ги постигнаа од пенал, Жуниор Лаго во 21 минута а Салва Севиља во 75 минита, додека израмнуваа Кардона во 69 и Рубен Гарсија во 77 минута.
Мајорка е на последното безбедно место – 17-то со 11 бодови, а Осасуна е десетта со 15 бодови.
Хетафе со 3:1 впиша сигурна домашна победа над Гранада. Стрелци за домашните беа Анхел Родригуез во 35, Мауро Арамабари во 41 и Давид Тимор во 88 минута, додека за гостите прецизен беше Хозе Антонио Родригез Дијаз во 74 минута.
Хетафе се искачи на деветтото место со 16 бодови, а Гранада пропушти можност привремено да мине на врвот и остана трета со 20 бодови, колку што имаат и Атлетико Мадрид и Севилја зад неа.
На врвот се Барселона со 22 и Реал Мадрид со 21 бод, кои имаат по меч помалку, откако поради безредијата во Каталонија беше одложен нивниот судир на „Камп Ноу“.
Последните три места кои водат во понизок ранг на натпреварување ги држат Селта со 9, Еспањол со 8 и Леганес со 5 бодови.