Задоволството на Пеце Мирчевски, директорот на СОЗР при Владата, кој со четири колешки во петокот со владиниот Лирџет леташе за Љубљана, чини 12.000 долари. Толку изнесуваат вкупните трошоци за тричасовното (зло)употребување на владиниот авион за лет од Скопје до Љубљана.
Експерти за „Нетпрес“ објаснуваат дека вкупните оперативни трошоци за еден час летање со Лирџетот 60, изнесуваат 4.000 долари. Во врска пак, со екипажот, велат дека, стандарден екипаж е, еден од пилотите да е овластен инструктор за тој тип авион или пробен пилот, и по потреба воздухоповен инженер или техничар, доколку треба да верификува нешто во текот на летот.
За потсетување, според демантот што го испрати Мирчевски до медиумите, тој не бил на шетање со колешките од СОЗР, како што објави „Нетпрес“, туку дека: „Станува збор за тренинг лет, кој заради безбедност мора да се изврши за владиниот авион. Летот е извршен на релација Скопје-Охрид-Љубљана. Во авионот има двајца пилоти, еден инструктор и четири лица. Летот почна во 7:30 часот, а по Охрид авионот продолжи за Љубљана, бидејќи тестирањето на авионот подразбира три часа непрекинат лет“.
Колку е за верување неговата изјава?
Според експертот што го консултираше „Нетпрес“ : „Лет за проверка (пробен или контролен лет) се прави после техничко одржување од нивото на Д-чек, или по потреба, после отстранување на некој дефект на авионот, а најчесто во рамките на базното одржување. Бидејќи базното одржување на Лирџетот е во Аеро-Диенст, Нинберг, Германија, летот за проверка би требало да се направи таму, или летот за пребазирање до Скопје, да се искористи како пробен лет за проверка на системот, склопот, делот или инструментот кој бил поправан“. Додава дека, во зависност од природата на дефектот што се отстранува, сложеноста на техничкиот зафат и проценката на ризикот, летот може да трае од десетина минути, до неколку часови или пак може да се потребни и повеќе летови.
„Бидејќи последниот дефект беше со стојниот трап, на кој не му се забравувало носното тркало во извлечена положба, пробниот лет требало да се изврши исклучиво над аеродром, во траење од не повеќе од 15 до 25 минути. На пробни летови, освен екипажот и неопходните технички лица или воздухопловни инспектори, никој друг, а особено не патници, не смеат да бидат во авионот. Доколку летот навистина бил пробен, или лет за проверка, на ризик биле ставени животите на патниците. Присуството на дури пет патници во авионот за време на „пробниот” лет укажува на фактот дека станува збор за бескрупулозна злоупотреба на владиниот авион за приватни цели. Всушност и командирот на екипажот не смеел да дозволи присуство на патници и морал да го одбие извршувањето на летот под тие услови. Доколку летот се најави како пробен (тест ) лет, за да се утврди пловидбеноста на авионот, потребна е посебна дозвола (ферс флајт пермишн) од АЦВ. Доколку станува збор за посебно ризичен лет, се преземаат посебни мерки на аеродромот каде ќе се извршува летот, како на пример определување зона за извршување на летот надвор од населени места и посебна подготвеност на аеродромската ПП служба“, појаснува експертско лице.