Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Да обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување. Ова се дел од наодите од извештајот на Европската комисија кој еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји ги презентираше попладнево на прес-конференција.
Во извештајот се споменува и поранешната специјална јавна обвинителка која е осудена за случајот „Рекет“.
-Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата, пишува во извештајот.
Европската комисија наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација.
-Постигнат е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци. Извештаите за мониторинг за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии беа изготвени и придружени со соодветни видливи активности, се наведува во Извештајот.
Во документот стои дека останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.
-Државната комисија за спречување на корупција продолжи да работи на наводите за непотизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија, се нотира во Извештајот.
Во однос на регионалната соработка, ЕК наведува дека земјата ги задржа добрите односи со другите земји опфатени со проширувањето и активно учествуваше во регионални иницијативи. -Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, нотира Извештајот.
Во однос на граѓанското општество, се наведува оти тоа останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки, но потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.
Извештајот на ЕК заклучува дека во наредниот период потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација и оти земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.