ЕК: Македонската економија ќе забележи пад од 4,9 отсто

Напролет, кога почна пандемијата, предвидовме дека за 2020 година БДП на Северна Македонија ќе има негативен раст од 3,9 отсто, но сега ја корегиравме оваа бројка и сметаме дека ќе изнесува -4,9 проценти. Економијата до крајот на годината не ќе може да се опорави, а клучен проблем, која не се однесува само на земјата, туку глобално, е можноста ковид панедмијата да трае подолго, рече денеска шефот на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, Фрек Јанмат, презентирајќи го Есенскиот извештај за економските прогнози на ЕК за Северна Македонија.

Според Извештајот, растот на БДП во 2021 година ќе биде 3,8 отсто, а во 2022 година 3,5 проценти. Се предвидува бавно и неизвесно економско закрепнување.

Државниот долг годинава веројатно ќе надмине 50 отсто од БДП, а се предвидува и негово дополнително зголемување во 2021 година и 2022 година. Стабилизацијата на долгот, првично предвидена за по 2021 година, ќе биде одложена.

До крајот на годинава се очекува и намалување на работната сила, но стапката на невработеност се претпоставува дека ќе остане стабилна.

Постојат срамежливи знаци дека надворешната побарувачка закрепнува, а растот на приватната потрошувачка и инвестициите се предвидува да се вратат во четвртиот квартал.

– Постојат претпазливи сигнали дека домашната економска активност се зголемува, кредитирањето на приватниот сектор и натаму е оптимистично, а закрепнувањето во голема мера ќе се потпре на зајакнувањето на домашната побарувачка и веројатно ќе трае до 2022 година, токму поради непредвиливоста колку ќе трае пандемијата – истакна Јанмат на онлајн брифингот со новинарите.

Како што стои во Извештајот, домашната побарувачка, иако поддржана од владините мерки, останува „пригушена“ и по укинувањето на мерките за ограничување. Остриот пад на дознаките влијае негативно на трошоците на домаќинствата.

– Зацврстувањето на домашната побарувачка го поттикнува трговскиот дефицит. Во 2020 година, тековната сметка значително ќе се влоши, но во 2021 – 2022 година оваа слика ќе се промени зашто се очекува домашната побарувачка во голема мера да го поттикне растот на увозот – наведува ЕК.

Ризиците од надворешна страна главно се припишуваат на потенцијално слабите изгледи на автомобилската индстрија во Германија.

– Влијанието врз пазарот на трудот ќе остане благо. По силниот раст на вработеноста во 2019 година, пазарот на трудот добро се држеше досега. Падот на вработеноста беше мал во вториот квартал, бидејќи, пред се, странски копании ги задржаа своите квалификувани работници на платниот список. Со оглед на значителната владина поддршка за вработувањето, загубите на работни места предизвикани од кризата, најверојатно ќе останат благи и во втората половина на годината. Постепено продолжување на растот на вработеноста се предвидува за 2021 и 2022 година, во согласност со економското закрепнување – нагласи Јанмат.

Извештајот укажува дека приходите се намалија за осум отсто годишно, а вториот ребаланс на Буџетот проектира поголем дефицит од претходно планираниот, за да се реализира четвртиот пакет мерки од 470 милинои евра.

– За покривање на буџетските потреби, Владата годинава доби 176 милиони евра кредитна линија од ММФ и макрофинансиска помош од ЕУ вредна 160 милиони евра, покрај еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во мај – се наведува во Извештајот од ЕК.