Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, за МИА изјави дека нема информација за средба помеѓу еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министрите за надворешни работи од Западниот Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.
Информацијата ја објави Ал Џазира Балкан повикувајќи се на дипломатски извори, но од кабинетот на еврокомесарот не се запознаени со ваква видеоконференција, чија цел, според Ал Џазира, е да се подготви претстојниот видео самит помеѓу ЕУ лидерите и лидерите од западниот Балкан.
-Немаме никаква потврда, но секако дека ќе има секакви контакти за да се подготви самитот на шести мај, но нема потврда за ваква специфична видеоконференција, изјави Ана Писонеро.
Шефот на портпаролската служба на Европската Комисија, Ерик Мамер, најави дека утре на дневен ред на редовниот колеџ на еврокомесарите ќе се дебатира за самитот ЕУ-Западен Балкан и начинот на кој Европската Унија придонесува во регионот.