Европската комисија во средата го предложила деветтиот пакет санкции против Русија, вклучително и санкцирањњето на уште 20 поединци и правни лица, како и три руски банки.
„Осумте досегашни пакети санкции веќе силно ја поткопаа Русија, а денеска го зајакнуваме притисокот со деветтиот пакет санкции“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен без да даде конкретни податоци за своите тврдења.
Додаде дека Русија „продолжува да сее смрт и разорувања“ во Украина и тврди дека „намерно гаѓа цивили и цивилна инфраструктура, настојувајќи да ја парализира земјата на почетокот од зимата“.
„Стоиме заедно со Украина и ќе ја натераме Русија да плати за својата свирепост“, истакна фон дер Лејен, којашто неодамна во видеото на Twitter кога го изнесе предлогот да бидат запленети блокираните средства на руската Национална банка и тие да се користат за повоено обновување на Украина предизвика големи проблеми невнимателно објавувајќи дека украинските жртви во досегашниот тек од војната изнесуваат над 20.000 цивили и над 100.000 војници, што е спротивно на тврдењата на Киев. Подоцна овој дел од изјавата беше повлечен.
Деветтиот пакет антируски санкции на ЕУ, меѓу другото, вклучува ставање речиси 200 дополнителни поединци и правни субјекти на списокот на санкционираните. Меѓу нив се руските вооружени сили, поединечни офицери, компании од одбранбениот сектор, членови на парламентот, министри, гувернери и политички партии.
Европската комисија предложува и воведување санкции против уште три банки и целосна забрана трансакции за Руската банка за регионален развој за дополнително да се парализира „Путиновиот банкомат“.
Се предлага и дополнителни ограничувања за извоз на производи за двојна намена, вклучително клучни хемикалии, нервни агенси, електроника и ИТ компоненти, кои можело да се користат во одбранбената индустрија. .
Исто така, се предлага и забрана за извоз на сите видови дронови и беспилотни летала, како и мотори за беспилотни летала во Русија и извоз во која и да е трета земја која би можела да ѝ испорачува дронови на Русија. Инаку, повеќето од овие, како и од претходно наведените предлози, се веќе дел од претходните осум кругови санкции.
Се предлага и забрани за уште четири руски телевизиски канали и други информативни платформи за дистрибуција на медиумски содржини.