Европската комисија излезе со соопштение по денешната средба на комесарот за проширување Штефан Филе со заменик-претседателот на Владата на Република, Фатмир Бесими и со министерот за надворешни работи Никола Попоски, во кое се посочува дека фокусот на оваа средба бил на реформите поврзани со Европската унија, вклучувајќи ја и улогата на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) како алатка да се поддржи напредокот на европскиот пат на земјата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во соопштението на Комисијата се вели дека тројцата разговарале за спроведувањето на минатогодишниот полиитчкиот договор од први март и клучните реформски приоритети вклучително и во областа на слободата на медиумите, независноста на судството и изборното законодавство.
„Филе, Бесими и Попоски се согласија да ја продолжат дискусијата во однос на зајакнување на Пристапниот дијалог на високо ниво и неговото влијание, пред следниот извештај за напредокот, со цел земјата да се движи напред на патот кон интеграцијата во ЕУ. Тие исто така, разговараа и за добрососедските односи и потребата од континуирани напори да се изгради доверба и создавање услови за решенија“, се наведува во соопштението од неофицијалната Влада на Унијата.