Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи по разговорот на жителите на Слупчане, добиле „гаранции“ дека нема да ги нападнат екипите на ЕВН и дека тие може да влезат во селото и да го санираат дефектот.
ЕВН денеска информираше дека дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, по добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија.
Претходно, како што информираше ЕВН, во вчерашните доцни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото, при што ги оставија жителите на соседните села, Оризаре, Ваксинце и Лојане без електрична енергија.
Од компанијата кажаа дека ќе го санираат дефектот кога ќе има гаранции да се влезе во селото.
– Проблемот со снабдување со електрична енергија во селото Слупчане денеска ќе биде решен. Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите кои ги имаме – изјави за медиумите министерот за економија Бектеши.