Еко кредити од Шпаркасе банка за фотоволтаици од ЕВН

Според претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Штефан Питер, Македонија треба да ја искористи предноста, а тоа е сончевото време и да ги следи најновите трендови во енергетската ефикасност

Домаќинствата во Македонија ќе може да ја искористат можноста и преку еко кредитите од Шпаркасе банка во износ од 50.000 евра во своите домови да инсталираат фотолволтаични системи. Се работи за системи со кои се намалува потрошувачката и трошоците за електрична енергија, а истовремено се штити животната средина и се намалува загадување.

Според претседателот на УО на ЕВН Штефан Питер, Македонија треба да ја искористи предноста, а тоа е сончевото време и да ги следи најновите трендови во енергетската ефикасност.

„Македонија има е една голема предност, а тоа е сончевото зрачење и една од најдобрите локации во Европа во однос на сончеви денови. Поради тоа логично е дека мора да развиваме фотоволтаични продукти и да користиме бесплатна енергија. Она што претходно беше достапно само за големите индустрии и бизнисите сега се обидуваме да биде достапно и за домаќинствата“, рече Питер.

Во Македонија има повеќе од 700.000 домаќинства, кои од средината на годинава имаат можност да произведуваат енергија за свои потреби.

Питер појасни дека за домаќинствата што сакаат да инсталираат вакви системи ЕВН нуди решение клуч на рака што значи дека доаѓаме до вашите домови ја разгледуваме ситуацијата и правиме практично решение кое одговара на вашите потреби.

Според директорот на Шпаркасе банка, Глигор Бишев, ова е прв проект во Македонија каде што семејствата не треба да прават проект, не треба да размислуваат туку да дојдат во претставништвата на ЕВН и на Шпаркасе и да ја искажат својата желба дека сакаат да заштедат на електрична енергија и да имаат чиста и здрава околина.

„ Семејствата за оваа намена можат да добијат обезбедени кредити во висина од 50.000 евра и необезбедени кредити во висина од 20.000 евра. Средствата се обезбедени од Европска банка за обнова и развој – ЕБОР, а банката дава и грант во висина од 20 отсто од инвестиција. Ова значи дека со грантот ќе може да се покрие целокупната камата, а со заштедата во електрична енергија да се отплатува главницата од кредитот“, изјави Бишев.

Каматната стапка за кредитите е фиксна и изнесува 5,8 отсто во првите три години и променлива од 6 отсто во проектираниот период. Бишев смета дека 80 отсто од кредитите што ќе бидат доделени за оваа намена ќе бидат без обезбедување, што значи дека секое семејство ќе може да си го дозволи.

Од ЕВН очекуваат голем интерес од домаќинствата за инсталирање на фотоволтаични системи, а тоа го потврдува и фактот што досега веќе имаат добиено стотици апликации. Исто така, тие се надеваат дека Македонија за 5 години ќе се доближи до Германија каде 50 отсто од семејствата користат вакви системи.