Антонио Апостолски е акредитиран адвокат за жртвите и обвинетите при Специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг, а претходно беше aдвокат пред Меѓународниот Кривичен Трибунал за поранешна Југославија. Тој во интервју за НетПрес ексклузивно зборува за првата пресуда во Хашкиот суд против припадник на косовското ОВК, како и за случаи покренати од сепцијалното обвинителство за воени злосторство против македонски државјани за дела сторени во Косово
*Господине Апостолски, Може ли да ни појасните зошто е важна пресудата против Салих Мустафа за воени злосторства сторени на територијата на Косово?
На 16 декември 2022 година, Судскиот совет I ја изрече својата пресуда во случајот Специјализираниот обвинител против Салих Мустафа. Пресудата претставува пресвртница за обвинетите при Специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг, бидејќи претставува прва пресуда на овој трибунал во случај за воени злосторства. Нејзината правна и историска важност е дека се повторува начелото дека правдата можеби е бавна, но од нејзиното величество не може никој да избега.
*Може ли поточно да ни појасните за што е осуден Мустафа
Судскиот совет го прогласи обвинетиот Мустафа за виновен за воени злосторства, произволно притворање, тортура и убиства и го осуди на затворска казна од 26 години. При изрекувањето на пресудата, Судскиот совет истакна дека обвиненијата во овој случај се однесуваат исклучиво на индивидуалната кривична одговорност на обвинетиот Мустафа и неговата вмешаност во наводните воени злосторства при притвор, сурово постапување, тортура и убиства на жртвите.
Истакнувајќи дека жртвите во овој случај се косовски Албанци, Судскиот совет дополнително нагласи дека „нивните напори да бараат правда и вистина се во срцето на овие постапки“. Во својата пресуда, Судскиот совет утврди дека за време на конфликтот меѓу ОВК и српските сили, обвинетиот Мустафа бил единствениот и севкупниот командант на герилската единица на БИА на ОВК до нејзиното распуштање; дека тој командувал со комплексот Злаш во периодот на наводните злосторства; и дека има моќ да закажува состаноци во герилската единица на БИА, да издава наредби на своите подредени и да ги дисциплинира.
*Зошто е важна оваа пресуда за жртвите на злосторствата?
При изрекувањето на судската пресуда, Советот ја призна огромната храброст на сведоците и жртвите кои сведочеа, и покрај тоа што на Косово беа етикетирани како „предавници“ или „соработници“ и беа изложени на закани и заплашувања поради соработка со Специјализираните совети или со Специјализираниот обвинител. Советот образложи дека ваквата клима на страв и заплашување е причината поради која судиите наредиле заштитни мерки за многу сведоци и жртви во овој случај и посочија дека тоа е и една од причините зошто овој Суд е создаден и поради кој е преместен во Хаг.
*Кои други судења треба да се очекуваат?
Во моментов најпознат случај кој го суди овој суд е против поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи. Во обвинението се наведува дека злосторствата за кои се товари се извршени најмалку од март 1998 година до септември 1999 година и се случиле на неколку локации низ Косово, како и во Кукс и Чахан, во Северна Албанија.
Тие, наводно, биле извршени од припадници на ОВК против стотици цивили и лица кои не учествувале во воените дејствија. Во обвинението се наведува дека Тачи, Весели, Селими и Красниќи се поединечно кривично одговорни, според различни форми на кривична одговорност за злосторства, кои биле извршени во контекст на немеѓународен вооружен конфликт на Косово и биле дел од широк и систематски напад против лица осомничени дека се противници на ОВК.
*Дали има и лица од Македонија за кои се води истрага?
Специјалниот обвинител водеше активни истраги и против државјани на Република Македонија за воени злосторства на територијата на Косово. Сепак, додека не се подигне обвинение и истото не стане достапно до јавност не може да се претпостави против кои лица ќе биде поднесено обвинение. Доколку има докази и доколку се утврди индивидуална или командна одговорност, секако дека ќе биде поднесено обвинение.