ЕКСПЕРТИ: Објавата на Законот за јазици без потпис од Иванов е неуставен и дрзок чин

Без потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, само со парафот на Талат Џафери „Службен весник“ го објави Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. По ова законското решение, кое од голем дел од научната фела и правните експерти беше оценет како противуставен, спротивен на интересите на граѓаните и државата стапи на сила.

Кривична одговорност мора да има за оваа постапка и за Џафери, но и за директорот на „Службеник весник“, Мартин Костовски, смета професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска. Таа вели дека објавувањето на законот преставува неуставен и дрзок чин.

„Со чинот на објавувањето на законот без потпис на Иванов директорот стори кривично дело и ќе мора да одговара. Дополнително што неговото образложение зошто го објавил законот без потпис на Иванов е смешно и недолично за носител на јавни овластувања. Одговорноста на претседателот Иванов не може да ја цени директорот на Службен весник, а уште помалку Таљат Џафери, бидејќи се знае како согласно Уставот се утврдува таквата евентуална одговорност“ , вели професорката по уставно право, Каракамишева Јовановска.

Инаку, според законското решение албанскиот јазик ќе стане втор официјален јазик покрај македонскиот на целата територија на државата. Институтциите, државните претпријатија, судовите ќе бидат обврска да се обраќаат и на албански јазик. Спроведувањето на Законот ќе биде контролирано од ново тело, Инспекторат, кое допрва ќе се формира и кое ќе има мандат да казнува за непочитување со казни кои ќе достигнуваат и до 5.000 евра.

ВМРО ДПМНЕ повика на бојкот на Законот за јазици

ВМРО ДПМНЕ денеска повика на бојкот и непочитување на Законот за употреба на јазиците со образложение дека е штетен и спроитвен на Уставот.

„Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош“, изјави генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Партијата најави и кривични пријави против Џафери и Костовски.

СДСМ пак со поддршка на објавата на Законот. Велат волјата на граѓаните мора да се почитува.

„Ние го поддржуваме објавувањето на Законот за јазиците и секако Законот за ратификација за конечната спогодба со Грција. Како што знаете, СДСМ заедно со ДУИ го донесоа овој закон, почекавме да видиме дали Ѓорге Иванов ќе се охрабри да ја почитува волјата на мнозинството пратеници и секако со тоа волјата на граѓаните. Знаете дека согласно Уставот, односно член 75 став 3, доколку во второ читање со потребното мнозинство во Собранието се донесе Законот, Ѓорге Иванов е должен да го потпише законот, дополнително во Уставот со членот 52, претседателот на Собранието треба да го објави законот во Службен весник за седум дена, доколку во Собранието во второ читање е донесен со потребното мнозинство“, вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Една година Иванов ја спречуваше двојазичност во Македонија

Законот за јазици беше донесен на 11 јануари лани. Претседателот Иванов тогаш одби да го потпише указот за Законот со образложение дека текстот на законот онака како што е донесен е противуставен.

„И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон. Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам. Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин“ истакна шефот на државата објавувајќи дека нема намера да го потпише законот и истиот со забелешки го врати во Собранието.

Парламентарното мнозинство веднаш потоа повторно го изгласа законското решение непроменето.