Експлозија на брод на крајбрежната стража на Италија, пет загинати

Crotoine, 30 agosto 2020. ANSA/Giuseppe Pipita

Пет мигранти смртно настрадале а две лица се водат како исчезнати по пожарот кој избувнал по експлозијата на брод на италијанската крајбрежна стража кој стасал напомош на мигранти од Африка во Јонското Море.

Уште пет настрадани со тешки изгореници се пренесени во Катанцаро на Калабрија. Три лица се хоспитализиране во Кротоне, каде што се згрижени и двајца припадници на финансиската полиција кои им помагале на мигрантите кога одекнала експлозијата.

Во центарот за прифаќање на нелегалните мигранти пренесени се 12 лица кои биле во пловилото кое експлодирало. На бродот со кој италијанската крајбрежна стража ги евакуирала мигрантите имало 20 лица. Засега не е позната причината за инцидентот.

Во 2020 година е забележан повторен раст на обидите за доаѓање на мигрантите преку централната медитеранска рута, којашто се смета за најсмртоносната во светот. Потенцијалните мигранти испловуваат најмногу од Либија и од соседен Тунис. Од почетокот на годинава повеќе од 300 мигранти го загубиле животите во обидите преку Средоземното Море да стасаат до европското копно, според процените на Меѓународната организација за миграции (IOM).