Еквадор го избира или најмладиот претседател или првата жена на таа функција

Еквадор во неделата избира нов претседател, а во вториот круг неговите граѓани ќе ја изберат првата жена на оваа функција или најмладиот претседател досега.

Резултатите од изборите во јужноамериканската земја и во двете сценарија ќе бидат историски. На едната страна е левичарската политичарка Луиза Гонзалес од таборот на поранешниот претседател Рафаел Кореа, осуден за корупција, а од другата е претприемачот со банани Даниел Нобоа.

Нобоа од централно-десничарскиот сојуз за Национална демократска акција ќе наполни 36 години во ноември. Тој е наследник на деловното царство на неговиот татко Алваро Нобоа.

Кампањата пред изборите во неделата беше спроведувана во сенката на смртта на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио, кој беше убиен на 9-ти август за време на митингот во главниот град Кито.

Владата го обвини организираниот криминал за неговото убиство. Еквадор е транзитна земја за шверц на кокаин, а криминалните организации се борат за патиштата низ кои минува дрогата. Вилависенсио ветуваше дека ќе се справи со корупцијата и криминалот. Минатиот викенд седуммина осомничени за кои се верува дека се поврзани со неговото убиство беа пронајдени мртви во затвор.

Првиот круг од изборите се одржа на 20-ти август, кога Гонзалес заврши на првото место со 33,6 отсто од гласовите.

Изборите беа распишани откако конзервативниот претседател Гилермо Ласо го распушти парламентот по неговото отповикување поради наводна проневера.