Фудбалската репрезентација на Еквадор би можело да биде исфрлена од Светското првенство кое зимава ќе се игра во Катар, откако британскиот весник The Daily Mail добил нови докази за шокантното признание на еден од неговите најдобри играчи Бајрон Кастиљо дека користи лажен пасош, со признание дадено во службена истрага која била забошотена од Фудбалската федерација на Еквадор (FEF).
Пред четири месеци Чиле го обвини Еквадор за лажирање на матичниот лист и побарал поради тоа еквадорската селекција да биде исфрлена од мундијалот во Катар и чилеанската да го заземе нејзиното место.
Светската фудбалска асоцијација ФИФА по истрагата во јуни објави дека не нашла неправилности, и потврди дека Еквадор ќе се натпреварува на светското првенство. Меѓутоа, Чиле се жалеше на таквата одлука и ФИФА во четврток треба да ја донесе конечната одлука за ова прашање.
Меѓу новите докази коишто би можеле да го потресат јужноамериканскиот фудбал и ѝ создадоа проблеми на ФИФА, а The Daily Mail во вторникот објави аудио снимка од интервју кој Кастиљо го дал пред иследниците пред четири години.
Кастиљо во тоа интервју рекол дека е роден 1995 година, а не во 1998 година како што е наведено во неговиот матичен лист. Во разговорот, исто така, го дава своето цело име Бајрон Хавиер Кастиљо Сегура, коешто одговара на податоците од неговиот матичен извод во Колумбија, наместо името во еквадорскиот матичен лист – Бајрон Давид Кастиљо Сегура.
Притоа фудбалерот детално го опишува заминувањето од колумбискиот град Тумака во Сан Лоренцо во Еквадор за да ја продолжи фудбалската кариера и го именува еквадорскиот претприемач кој му го овозможил новиот идентитет.
Еквадор на светското првенство е во Групата А, со селекциите на домаќинот Катар, Сенегал и Холандија, а со катарската репрезентација на 20-ти ноември треба да го отвори турнирот.