Ел Чека, сопственикот на Фејсбук профилот на којшто од пред недела дена се објавуваат прислушувани телефонски разговори не запира со своите активности. Во разговорите кои се објавуваат на социјалната мрежа и Јутуб главните улоги ги имаат високи функционери на Демократската унија за интеграција. Во дел од нив се зборува за актуелни случаи, кои во јавноста и од страна на инситутциите, се уште не се докрај расветлени како случаите „Монструм“ и „Диво насеље„.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, кој по закон е најповикана за запирање на незаконските објави на прислушувани разговори вели истрагата дали од СЈО протекле овие материјали се уште трае. Не гарантира ниту дали може да ги спречат идните активностите на Ел Чека.
„Дадов налог да се истражат „бомбите“ и по хард дискот да се утврди времетраењето, па да се идентификува со тие разговори“, рече Јанева.
Инаку, откако во декември 2015 година Зоран Заев, тогаш како лидер на опозицијата, ги предаде материјалите со прислушувани разговори СЈО законски е надлежно за користењето на „бомбите“ исклучиво за истражни постапки. Нивното користење е уредно со закон и прописи.
Ахмети: „Бомбите“ рана слана која ќе помине
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети на денешното одбележување на 17 години од формирање на партијата ги тешеше своите сопартијци дека „потресот“ што им го прави Ел Чека многу скоро ќе помине. Слично како и неговиот коалиционен партнери Заев, вели разговорите не ги слушал, не сака ни да ги слуша.
„Не сум ги слушнап и не сакам да ги слушам, нека објави официјални разговорио да видат сите кој е Ахмети, а не приватни. Органите на прогонот нека се занимаваат со случајот“, рече Ахмети пред насобраните партиски функционери, министри и симпатизери.