ЕМА нема да постави праг од 50 отсто ефикасност за вакцините против ковид-19

Европската медицинска агенција (ЕМА) информира дека нема да наметнува праг на ефикасност на вакцините од 50 отсто, и додаде дека ЕУ треба да ги користи сите вакцини кои им се на располагање во битката против пандемијата.

Германската биотехнолошка компанија CureVac објави дека нејзината вакцина против ковид-19 е ефикасна само 47 отсто во подоцнежната фаза на испитувањата, поради што во прашање се доведува потенцијалната испорака на стотици милиони дози на ЕУ.

Европската унија резервирала околу 405 милиони дози од CureVac, по што следеше меморандум за разбирање со Германија за дополнителни 20 милиони дози, пренесува Ројтерс.

– Ќе мора да ги собереме сите податоци од клиничкото испитување и да имаме добра анализа на резултатите од различни реони, возрасни групи и спрема различните варијанти – изјавил Марко Кавалиери раководител на ЕМА за биолошки закани и стратегија на вакцинација.

– Затоа сметам дека е прерано да навлегуваме за тоа што тоа значи. Секогаш мислевме дека е тешко однапред да го дефинираме прагот – изјавил тој, додавајќи дека ЕМА посебно ќе внимава на варијантите кои циркулираат, а кои би можеле да бидат позаразни.

Во САД, Управата за храна и лекови бара вакцините против ковид-19 во клучната фаза на испитувањата да покажат најмалку 50 отсто ефикасност за да бидат одобрени.