Емиратите овозможија странците да станат сопственици на нивните компании

Обединетите Арапски Емирати сакаат да привлечат инвеститори за да го поттикнат забавениот економски раст, најавувајќи дека ќе им овозможат на странците целосна сопственост на компаниите, како и олеснување на визниот режим.

Одлуката во неделата ја донесе Владата, а истата би требало да привлече „меѓународни инвестиции и исклучителни таленти”, ијави владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашед Ал Мактум.

Во иднина на странските инвеститори ќе им биде дозволено 100 отсто сопственост на компаниите, а пакетот мерки  вклучува дозвола за престој од десет години за нив и за нивните семејства, се вели во соопштението на Владата, објави новинската агенција WAM.

 

Иако ОАЕ е најразновидна и најотворена економиија на Блискиот Исток, на странците досега им беше дозволено само 49 отсто од сопственоста на компаниите, со исклучок на оние утврдени во посебните трговски зони. Владата, исто така, со промовирање на дозволите за престој од 10 години ќе се обиде да привлече  експерти од медицината, науката, истражувањата и техничките науки.

Како и во другите држави членки на Советот за соработка на арапските земји во Персискиот залив, кои се богати со нафта, странците кои се вработени во Обединетите Арапски Емирати мора да имаат дозвола за престој која им ја обезбедува спонзорот, кој вообично е работодавачот.

Мерките ќе стапат на сила до крајот на годината, се вели во соопштението.

 

 

Новите мерки беа усвоени во контекст на знаците на економско забавување поради пониските цени на нафтата, со дополнителниот притисок создаден поради падот на виталните сектори на недвижности и туризмот.

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), економскиот раст во Обединетите Арапски Емирати минатата година се намали на само 1,3 отсто, од 3 отсто во 2016 година.

Во советодавната компанија Capital Economics  од Лондон, пак, сметаат дека економијата на ОАЕ минатата година пораснала за само 0,5 проценти. Притоа активностите во Абу Даби, најголем од седумте емирати кои ги сочинуваат Обединетите Арапски Емирати и најбогат со нафта, паднале во третиот и четвртиот квартал од минатата година за 1,3 и 1,1 отсто.

Продажбата и закупот на недвижен имот во Дубаи, пак, во 2017 година се намалиле од пет до 10 отсто. Трендот на забавен раст се очекува и во 2019 година, за да во 2020 година следи заздравување на економијата, а кој ќе се совпадне со  одржување на Светскиот саем Ехро.

Според Меѓународниот институт за финансии (IIF), ОАЕ е прв во арапскиот свет во однос на висината на странските директни инвестиции и минатата година привлекле 11 милијарди долари, 22 отсто повеќе отколку во 2016 година.