Енергетската транзиција има своја цена, предупредуваат од норвешки „Equinor“

Зелената енергетска транзиција во Европа бара огромни вложувања, предупредуваат од норвешкиот произведувач на нафта и природен гас „Equinor“, предупредувајќи дека сметките за гас и струја веројатно нема да се вратат на предпанемиското ниво.

Ублажувањето на мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот и отворањето на националните економии есента 2021 година го поттикна закрепнувањето на глобалната економија и силен бран на побарувачка на енергенси што ги доведе рекордните цени на енергенсите. Растот на цените дополнително продолжи и зајакна набрзо по руската инвазија во Украина од крајот на февруари 2022 година, како и поради западните без преседан санкции на рускиот енергетски сектор.

Во изминатите седмици цените на гасот на европските пазари на големо се вратија на предвоеното ниво благодарејќи на благата зима на континентот и полните подземни складишта, но на граѓаните и на компаниите сѐ уште им пристигаат високи сметки коишто значително ги оптоваруваат нивните буџети.

Извршниот директор Андерс Опедал на „Equinor“, кој спаѓа меѓу водечките европските енергетски компании, во разговорот за британски BBC истакнува дека не верува оти сметките за гасот и струјата ќе се вратат на нивоа кога типичното британско домаќинство плаќало околу 1.300 фунти годишно. Во моментов домаќинствата во Велика Британија енергијата во просек ја плаќаат околу 2.500 фунти годишно, а некои добиваат субвенции.

Европскиот енергетски систем во моментов минува низ огромни проблеми, особено откако остана без рускиот гас, појаснува Опедал во разговорот за BBC.

Трошоците и натаму ќе бидат високи поради преминувањето од фосилните горива на помалку штетните по животната околина извори на енергија, додава Опедал.

„Тоа ќе бара големи вложувања, а тие треба да бидат платени, па претпоставувам дека сметките за енергијата можеби ќе бидат за нешто повисоки отколку во минатото, но цените нема толку силно да осцилираат ниту ќе бидат високи како денес“, смета Опедал.

Смета дека во иднината енергија ќе мора да се доживува „како нешто што го нема во изобилство“.

„Мислиме дека во минатото имавме многу поевтини енергии и дека дел веројатно непотребно ги растуравме, па сега мораме да се погрижиме добро да вложуваме и сите заедно да трошиме што помалку енергија“, вели челникот на норвешки „Equinor“.

Опедал должноста на извршен директор и претседател на управниот одбор на „Equinor“ ја презема во ноември 2020 година, ветувајќи дека компанијата ќе биде моќен актер во преминот на „зелената“ енергија. Компанијата третиот лански квартал го заклучи со добивка пред оданочувањето од 24,3 милијарди долари, поголема за два ипол пати отколку во истиот период претходната 2021 година.