Американскиот државен секретар Ентони Блинкен в среда ќе пристигне во Скопје, а кој ден ќе дојде шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров сѐ уште не се знае, кажа на брифинг со новинарите министерот и претседавач со ОБСЕ Османи.
Иако официјална потврда за Лавров нема, извесно е дека тој ќе биде присутен на министерскиот совет. Сега се чека формално зелено светло од македонското МНР, од Грција и од Бугарија, но според Османи нема причина зошто тие да се против. Конечната и заедничка одлука вели ќе се соопшти многу брзо.
-Во национален капацитет, како министер за надворешни работи, би бил против, но тука Лавров не доаѓа во билатерална посета, туку доаѓа во земја домаќин на ОБСЕ. Во кој дел од трите дена ќе биде присутен Лавров, не можам да кажам во овој момент. Сите не можат во сите три дена да останат. Дали ќе им се поклопат термините на престој, не можам да кажам. – Бујар Османи – министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ
Додека се решаваат политичките дилеми и процедури, се прават и последните технички подготовки за неколкудневниот министерски совет во Скопје.. Дел од возилата наменети за гостите, кои предизвикаа бура од реакции поради енормно високите суми за нивна набавка, се веќе паркирани пред спортскиот центар Борис Трајковски.. Османи вели дека за нив ќе биде потрошена половина од предвидената сума од 900 илјади евра.
Во меѓувреме претседавачот со ОБСЕ вели интензивно се работи на прашањето кој ќе биде следниот претседавач.. Понеделник е денот „д“ кога ќе се знае дали Малта ќе прифати да се кандидира и дали ќе биде поддржана, или можеби во Скопје ќе се носи одлуката за која е неопходен консензус од сите земји-учесници.