Европската фудбалска федерација (УЕФА) го објави конечниот список на градовите во коишто ќе се играат натпреварите од Европското првенство во 2020 година.
Поради проблеми со изградбата на новиот стадион отпадна Брисел кој требаше да биде домаќин на четири натпревари. УЕФА одлучи овие мечеви да се играат на лондонски „Вембли“. Како замена за белгиската престолнина се споменуваа Стокхолм и Кардиф, но УЕФА овие натпревари му ги додели на Лондон кој така ќе биде домаќин на вкупно седум натпревари.
„Концептот за воведување Европски првенство во 13 различни земји е осмислен за и помалите земји, како Велс, да имаат единствена можност да учествуваат во организацијата на вака голем турнир. Поради тоа сме тажни и разочарани од одлуката на УЕФА“, соопштија од фудбалскиот сојуз на Велс.
Белгијците требаа да изградат нов национален стадион во Гримберген, северно од Брисел, со капацитет од 62.000 гледачи, меѓутоа „Еуростадиум“ нема да биде готов до почетокот на првенството коешто ќе се игра по цела Европа.
Европското првенство ќе се игра во 12 градови: Лондон, Минхен, Рим, Баку, Санкт Петербург, Копенхаген, Амстердам, Букурешт, Глазгов, Даблин, Билбао и Будимпешта.
УЕФА одреди дека отворањето да биде во Рим, а уште претходно беше познато дека полуфиналните натпревари и финалето ќе се играат во Лондон.
Новина претставува и тоа што се одредени и домаќини на поединечните групи.
Група А: Рим и Баку; Група Б: Санкт Петербург и Копенхаген; Група Ц: Амстердам и Букурешт; Група Д: Лондон и Глазгов; Група Е: Билбао и Даблин; Група Ф: Минхен и Будимпешта;
Осминафиналните мечеви ќе се играат во Копенхаген, Букурепшт, Амстердам, Даблин, Билбао, Букурешт и Глазгов. Четвртфиналните дуели ќе се играат во Минхен, Баку, Санкт Петербург и Рим. Двата полуфинални дуела и големото финале ќе се одиграат во Лондон.
Градови и стадиони:
Амстердам (Холандија) „Јохан Кројф Арена“, 56.000 гледачи
Баку (Азербејџан) „Олимписки стадион“, 68.700 гледачи
Билбао (Шпанија) „Сан Мамеш“, 68.000 гледачи
Букурешт (Романија) „Национал Арена“, 55.600 гледачи
Будимпешта (Унгарија), „Ференц Пушкаш стадион“, 38.652 гледачи
Копенхаген (Данска), „Паркен стадион“, 51.700 гледачи
Даблин (Ирска), „Авива стадион“, 53.332 гледачи
Глазгов (Шкотска), „Хампден Парк“, 52.063 гледачи
Лондон (Англија), „Вембли“, 90.000 гледачи
Минхен (Германија), „Алијанц Арена“, 75.000 гледачи
Рим (Италија), „Олимпико“, 72.698 гледачи
Санкт Петербург (Русија), „Крестовски стадион“, 68.134 гледачи.