Филипинското Министерство за здравство денеска прогласи национална епидемија на тропска треска, со цел да им се овозможи на надлежните подобро и побрзо да реагираат во спречување на ширењето на болеста.
Од јануари до 20 јули на Филипините биле регистрирани 146.062 случаи на треска, што е дури 98 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година. Од тропска треска починале 622 лица.
Надлежните од денеска почнуваат кампања за пронаоѓање и уништување на ларви од комарци, кои ја шират заразата.
Според податоците на Светската здравствена организација, зголемување на бројот на заболени од треската годинава е забележан и во други земји во Југоисточна Азија. Во Малезија се регистрирани над 62.000 случаи, а во Виетнам повеќе од 80.000.