Во Србија и на северот од Косово во моментов има повеќе од две илјади лица заболени од мали сипаници, покажуваат официјалните податоци на Институтот за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ Батут“ во Белград, а стручњаците проценуваат дека не се насетува крајот на епидемијата.
Од почетокот на октомври 2017 година, заклучно со 9-ти 2018 година, на територијата Србија, и на територијата под надлежност на Заводот за јавно здравје Косовска Митровица, регистрирано се вкупно 2.035 случаи на сипаници, од кои 1.022 лабораториски се потврдени во Институтот Торлак, објави на својата интернет страница Институтот за национално здравје.
Епидемијата почна на северот од Косово во октомври и се прошири на централниот дел на Србија каде што дневно се регистрираат од 40 до 100 новиот случаи со вирусот на морбили, а досега се забележани два смртна случаи.
Најмногу заболени е во возрасните групи помлади од пет години и повозрасни од 30 години, најмладиот пациент е бебе од само 15 дена, а највозрасниот пациент има 65 години.
Од потешките компликации, регистрирано е воспаление на мозокот во еден случај и воспаление на белите дробови кај 241 пациент. Повеќето од пациентите, околу 94 отсто, не се вакцинирани, нецелосно се вакцинирани или се со непознат статус, наведуваат од српскиот национален институт.
Според бројот на заразените од морбили предничат Белград со 717 и Ниш со 430 заболени, епидемии се пријавени во уште 17 градови ширум Србија, а во моментов, според тврдењата на белградските медиуми од саботата, има уште 25 потенцијални жаришта, бидејќи се регистрирани поединечни случаи, од еден до седум заразени, во Чачак, Ужице, Врање, Рума, Тутин, Топола, Љиг и Ваљево.
Во Белград е зголемен процентот на вакцинираните од 65 отсто кон крајот на 2016 година на 84 отсто кон крајот на минатата 2017 година, но епидемиолозите и имунолозите тврдат дека тоа „не е доволно за колективниот имунитет“, па процените на експертите се дека епидемијата на морбили во српската престолнина нема да биде целосно стивната до крајот на оваа година.
„Примената на законска забрана за запишување во детските градинки без потврда дека детето е вакцинирано, или дека од медицински причини не може да прима вакцина, се мерки коишто треба да го затворат кругот од заболувања во градинките“, пишува белградскиот дневен весник Вечерње новости во саботата.
Во написот се истакнува дека „во Србија има уште околу 45.000 деца коишто не примиле ММР вакцина според календарот на вакцинирање“, како и дека вонредно се вакцинирани околу 30.000 деца коишто ја прескокнале ММР по редоследот на вакцинирање којшто го пропишува Светската здравствена организација и домашните српски прописи.