Во Делчево во тек се подготвителни активности за интронизација на неговото Преосвештенство Епископ Марко на чело на новоформираната Делчевско-каменичка Епархија. Церемонијата ќе започне во сабота во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Делчево со богослужба како најава за главниот настан кој ќе се одржи во недела.
-Во недела на 17 септември 2023 во градската црква „Успение на Пресвета Богородица” во Делчево ќе се изврши интронизација (назначување) на неговото преосвештенство Епископ Марко на чело на Делчевско-Каменичката Епархија. Светиот настан ќе започне со Света Божествена Литургија со почеток во 08.30 часот со што пред Бога и пред верниците ќе биде објавен свечениот чин. Во предвечерие на главниот настан во недела на 17 септември, ќе претходи Богоугоден настан во сабота на 16 септември со почеток во 17.00 часот во Црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево каде ќе се одржи попладневна Богослужба во слава на Бога со кој ќе се најави главниот настан за утрешниот ден, информираат од делчевското свештенство.
Делчевско-каменичката епархија е формирана со одлука на Синодот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од 20 јуни 2023 година и е една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Седиште на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.
Свештенството од делчевско-каменичките парохии ги покануваат сите православни христијани- сите граѓани да присуствуваат на овој светол историски чин од значање за верата и традициите на секој еден христијанин во заедништво со Бога.