Ер Србија по три децении повторно ќe лета за Чикаго

Авиокомпанијата Ер Србија најави дека од утре, 17 мај, ќе воспостави директни летови меѓу Белград и Чикаго, кои не постоеја повеќе од 30 години.

Новата линија е продолжение на проширувањето на дејноста во Соединетите Американски Држави (САД), а до 11 јуни летовите од Белград до Чикаго ќе се реализираат два пати неделно – во среда и сабота, додека од 12 јуни ќе има летови три пати неделно – во понеделник, во среда и сабота.

Летовите од Белград до меѓународниот аеродром во Чикаго О’Харе ќе траат околу 11 часа и ќе бидат изведувани со авиони Ербас А330 за долги релации на флотата на Ер Србија.

Српската авиокомпанија смета дека новата линија ќе значи подобро поврзување на регионот со Чикаго, третиот по големина град во САД, по Њујорк и Лос Анџелес, каде што живеат голем број луѓе по потекло од Балканот.

Новата авиолинија преку Белград ќе овозможи добри врски меѓу Чикаго и другите градови во нивната мрежа, како Атина, Виена, Берлин, Болоња, Букурешт, Дубровник, Истанбул, Ларнака, Љубљана, Прага, Пула, Подгорица, Рим, Сараево, Скопје, Софија, Тиват, Венеција, Загреб, соопшти Ер Србија.

Благодарение на меѓулиниската соработка со компаниите JetBlue и American Airlines, Ер Србија ќе може да понуди подобра поврзаност на патниците кои продолжуваат со своите патувања од Чикаго и Њујорк до други точки во Северна Америка, се вели во официјалното соопштение.