Ердоган е реизбран за лидер на АКП

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторно е избран за лидер на Партијата на правда и развој (АКП), а во обраќањето пред присутните истакна дека Турција решително продолжува да ги реализира претходно поставените цели за иднината.

Во Спортската сала во Анкара денеска се одржа Седмиот редовен конгрес на АКП, а Ердоган беше реизбран за претседател со сите 1.428 важечки гласови на делегатите.

– Повторно ќе покажеме дека не дојдовме на власт да бидеме владетели, туку да и служиме на државата и народот, истакна Ердоган, додавајќи дека не постои проблем кој единството на сите 84 милиони луѓе во Турција не може да го надмине.

Тој нагласи дека Партијата на правда и развој ќе продолжи да им служи на Турција и нејзиниот народ, исто како што тоа го правеше во последните 19 години, од 2002 година кога дојде на власт.