Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган следната седмица ќе патува во Вашингтон на средба со американскиот колега по должност Доналд Трамп со кого разговарал телефонски во средата, потврдија двете страни.
Неколку дена турскиот претседател се закануваше со откажување на посетата поради тензиите меѓу Турција и САД во врска со Сирја и особено откако Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со огромно мнозинство донесе резолуција со која масовните убиства на Ерменците во Отоманското царство во Првата светска војна ги квалификуваше како геноцид, на што вообичаено Анкара многу жестоко одговара. Ердоган рече дека конечната одлука ќе ја донесе во текот на најавениот телефонски разговор со Трамп.
Во телефонскиот разговор во средата, двајцата челници потврдиле дека ќе се сретнат во Вашингтон на 13-ти ноември на покана на претседателот Трамп, соопшти кабинетот на Ердоган. Се додава и дека претседателите разговарале за билатерални прашања и за регионалните случувања.
Малку подоцна Трамп изјави дека имал „многу добар“ телефонски разговор со Ердоган и потврди дека со турскиот колега очекува да се сретна на 13-ти ноември во Вашингтон.
„Имав многу добар телефонски разговор со претседателот на Турција. Тој ме извести дека заробиле многу милитанти на Исламската држава, меѓу нив и жената и сестрата на на терористот (Абу Бакр) ал-Багдади, кои, како што соопштија, бегале во време на конфликтот (во Сирија). Исто така, разговаравме за границата со Сирија, искоренувањето на тероризмот, прекин на непријателствата со Курдите и многу други прашања. Со нетрпение очекувам да се сретнам со претседател Ердоган следната среда, 13-ти ноември, во Белата куќа“, напиша американскиот претседател на Twitter.
Патувањето на Ердоган во САД се одвива откако Анкара на почетокот на октомври ја започна воената операција против сириските Курди, кои се американски сојузник во борбата против Исламската држава, но и по тензиите во врска со турската набавка на руските противвоздушни ракетни системи „С-400“ на што Вашингтон жестоко реагираше и со воведува санкции.