Ердоган и Трамп разговарале за формирање безбедна зона во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп разговарале во понеделникот вечерта за воспоставување безбедносна зона во Сирија, соопшти кабинетот на турскиот челник.

Во телефонскиот разговор двајцата претседатели ја разгледале „идејата за воспоставување безбедносна зона без тероризам на северот од земјата (Сирија)“, соопшти кабинетот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган без да наведува дополнителни поединости.

Разговорот се одвива во моментот кога двете земји се соочија со нови меѓусебни тензии поради силите на сириските Курди, познати како Единици за заштита на народот (YPG) коишто Турција ги смета за сириски огранок на забранетата терористичка Работничка партија на Курдистан (PKK), меѓутоа кои логистички и воено ги поддржуваат САД во борбата против џихадистичката групација Исламска држава на сириската територија, по што тие под контрола заземаа огромен дел од сириско-турската граница. Анкара отворено се заканува дека ќе покрене воена операција против YPG, што во минатото создаде опасност за американските војници распоредени на споменатата сириска територија, но Вашингтон се труди да ги примири своите сојузници откако во декември најави целосно повлекување на своите околу 2.500 војници од Сирија.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата во твит спомена основање безбедносна зона од 30 километри во Сирија. Американскиот државен секретар Мајк Пмпео прецизираше во понеделникот по посетата на саудиска Арабија дека би станувало збор за зона по должината на турската граница, поради заштита н и на курдските милиции и на Турција. Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека Анкара не се противи на овој план.

Во текот на телефонскиот разговор од понеделникот вечерта Ердоган му ветил на Трамп дека Турција е подготвена да им пружи на САД секаков вид поддршка во рамките на нивното повлекување од Сирија.

Претходно во неделата Трамп на Twitter се закани дека економски ќе ја разори Турција, доколку оваа земја ги нападне Курдите. Анкара на тоа одговори дека нема да дозволи да биде заплашувана. Меѓутоа, според соопштението од кабинетот на турскиот челник, во понеделникот двајцата претседатели во телефонскиот разговор се договориле дека ќе ги јакнат меѓусебните економски односи.