Ердоган на самитот на НАТО ќе разговара со Бајден

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, чија земја го блокира членството на Шведска во НАТО, на самитот на Северноатлантскиот воен сојуз во Вилнус на 11-ти и 12-ти јули ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден, соопшти во неделата кабинетот на турскиот претседател.

„Претседателите се договорија дека ќе се сретнат во Вилнус и опширно ќе разговараат за билатералните врски меѓу Турција и САД, како и за регионалните прашања“, се истакнува во соопштението на официјална Анкара.

Кабинетот на турскиот претседател додава дека Ердоган и Бајден во неделата телфонски разговарале за влезот на Шведска во НАТО и за испораката на американските борбени авиони на Турција.

„Истакнувајќи дека не е во ред да се поврзува турскот барање за ‘F-16’ со шведското членство, претседателот Ердоган му се заблагодари на американскиот претседател Бајден на поддршката во набавката на авионите“, се додава во објавата за јавноста.

Според повеќе политички коментатори, турското одобрување на влезот на Шведска во НАТО е условено со испораките на „F-16“ од Соединетите држави.

Турција и Унгарија сѐ уште го немаат ратификувано приемот на Шведска во НАТО, обвинувајќи ја скандинавската земја за непријателски потези кон овие две земји. Заговорниците на отстранување на блокадата на Анкара тврдат дека Шведска направила значаен чекор во исполнување на турските барања со промена на својот Устав и носењето на новиот антитерористички закон.

Ердоган, кој во понеделник во Вилнус треба да разговара со шведскиот премиер Улф Кристерсон, на шведските власти им забележува дека се преблаги кон крудските активисти и неговите политички противници кои ги поврзува со неуспешниот пуч од јули 2016 година и бара екстрадиции на десетици лица обвинети за тероризам.

„Претседателот Реџеп Тајип Ердоган рече дека Шведска тргнала во добар правец изменувајќи го законот за сузбивање на тероризмот. Но приврзаниците на терористичките прганизации PKK/PYD/YPG и натаму слободно одржуваат манифестации (во Шведска) и го величаат тероризмот, што ги поништува донесените мерки“, се истакнува во соопштението на кабинетот на турскиот претседател.