Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди во средата од српската престолнина Белград дека не треба да се потценува Русија, и оцени дека некои западни земји водат политика на провоцирање којашто не може да донесе резултати.
На новинарски прашање за тоа кој е виновен за тешката енергетска ситуација во Европа и како таа ситуација да се надмине, Ердоган рече дека Турција секогаш водела избалансирана политика кон Русија и Украина и дека така ќе продолжи, пренесува агенцијата Танјуг.
„Не морам да споменуван никакви имиња, но има неколку земји на Западот за коишто сметаме дека нивниот пристап не е исправен. Тие водат политика заснована на поттикнување. Кога водите политика на провоцирање не можете да постигнете резултати“, рече на прес-конференцијата Ердоган кој престојува во тридневна посета во регионот.
Според турскиот претседател, грешат оние коишто ја потценуваат Русија.
„Русија престана да испорачува гас и цената на гасот порасна, а сега сите настојуваат да изнајдат начини како да ја преживеат зимата. Русија има важен адут во рацете, а никој не размислувал за тоа претходно“, предупреди Ердоган.
Турскиот челник оцени и дека не може да биде именуван победникот во војна, бидејќи го нема, но оти има само голем број губитници. Додаде и дека не гледа како е можно војната наскоро да биде завршена.
Ердоган, исто така, рече дека од кажувањата на оние кои велат дека со огромни суми пари ја поддржале Украина тие не можат да видат никакво резултат. Во врска со муницијата и вооружувањето што го испраќаат западните земји, рече дека станува збор за остатоци кои Западот ги испраќа.
Турскиот челник изрази и надеж дека решение ќе биде постигнато и војната и ќе заврши, како и дека по нејзиниот крај светот повторно ќе живее во мир.