Ердоган: Треба да се изврши притисок врз Вашингтон да се запре израелската офанзива

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика во неделата САД да изршат притисок за да се запре израелската инвазија во палестинската енклава Појасот Газа, истовремено истакнувајќи дека нема да има договор сѐ додека Вашингтон таа област не ја смета за палестинска земја.

„Би требало да разговараме со Егиипет и земјите од Персискиот залив и да извршиме притисок врз САД“, изјави Ердоган за турските новинари во авионот по враќањето од заедничкиот самит на Арапската лига и Организацијата на исламската соработка кој се одржа во саудиската престолнина Ријад.

„Соединетите држави би требало да го засилат притисокот врз Израел. Западот би требало да го зголеми притисокот врз Израел… За нас од витално значење е да се постигне прекин на огнот. САД се најважната земја која треба да биде вклучена во ова бидејќи има влијание врз Израел“, повтори Ердоган.

Притоа, турскиот претседател појасни дека нема да го повика американскиот претседател Џо Бајден.

„Не можеме да се согласиме со господинот Бајден кога на судирот му пристапува на начин што Газа ја смета за земја на доселеници или земја на Израел, а не за земја на палестинскиот народ“, рече Ердоган.

Турскиот челник истакна дека Европската унија размислува на ист начин како и Израел кога станува збор за Хамас, палестинското радикално исламистичко движење кое и пред ненадејниот брутално смртоносен напад од 7-ми октомври во јужните израелски градови го сметаа за терористичка организација.

„Меѓутоа, ние не размислуваме како нив. Хамас го сметам за политичка партија којашто победи на изборите во Палестина (во 2006 година – з.р.) Не ги гледам работите како нив“, додаде Ердоган.

Во саботата на самитот во Ријад челниците на арапските и муслиманските земји ги осудија „варварските“ акции на изралеската војска во Појасот Газа, но се воздржаа од најава на казнени економски или политички мерки против Израел.

Аналитичарите оценуваат дека самитот ги покажал регионалните поделби во поглед на начинот на којшто би требало да се одговори на израелско-палестинскиот судир, поради стравувањата од проширување на конфликтот во регионот.