Ерменија подготвена да го признае Нагорно Карабах како дел од Азербејџан

Ерменија е подготвена да го признае Нагорно-Карабах како дел од соседен Азербејџан доколку властите во Баку ја гарантираат безбедноста и правата на локалното население, кое претежно се состои од етнички Ерменци, изјави во понеделникот премиерот Никол Пашинјан.

Говорејќи на прес-конференција, Пашинјан истакна дека територијата на Азербејџан опфаќа 86.600 квадратни километри, што е значајна бројка бидејќи го вклучува и регионот за кој станува збор. Меѓутоа, претседателот додаде дека „во исто време велиме дека прашањето за правата и безбедноста на народот на Нагорно-Карабах треба да се разговара“ во идните преговори.

„Ако ние и Азербејџан се разбираме правилно, Ерменија ќе го признае територијалниот интегритет на Азербејџан во наведените граници, додека Баку ќе го признае територијалниот интегритет на Ерменија на површина од 29.800 квадратни километри“, додаде тој.

Премиерот, исто така, повика на меѓународни безбедносни гаранции, изразувајќи загриженост дека недостатокот на каков било механизам може да доведе до тоа Азербејџан да изврши „етничко чистење“ во регионот.

Пашинјан рече дека Азербејџан и Ерменија се вклучени во активни мировни преговори, изразувајќи надеж дека страните ќе можат брзо да ги надминат сите разлики.

Повторувајќи ги овие забелешки, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, рече дека се надева оти преговорите „ќе донесат цврст мир на Јужен Кавказ“, и покрај тоа што Нагорно-Карабах „беше под ерменска окупација околу 30 години, а милион Азербејџанци беа протерани надвор од нивните домови“.

Двајцата лидери во четврток треба да разговараат во Москва, а како посредник ќе биде рускиот претседател Владимир Путин.

Двете поранешни советски републики веќе неколку децении се заглавени во конфликт околу спорниот регион со вкупно население од околу 150.000 жители. Додека Советскиот Сојуз се распаѓаше, во 1988 година, Нагорно-Карабах се отцепи од Азербејџан, три години подоцна еднострано основајќи своја република. Ова предизвика голема војна, која ги однесе животите на илјадници луѓе и заврши со меѓународно посредувано примирје во 1994 година.

Меѓутоа, оттогаш, Ерменија и Азербејџан се вклучија во спорадични борби околу областа. Еден од последните судири се случи во 2020 година. Тензиите беа намалени со напорите на Москва да посредува.

Изјавата на Пашинјан доаѓа откако тој во април рече дека Ереван и Баку би можеле да потпишат мировен договор доколку обајцата си го признаат територијалниот интегритет „без никакви нејаснотии и замки“, додека се согласат да нема никакви територијални спорови во иднина.