Во мај 2019 година беше усвоен новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација со кој се создадоа нормативни претпоставки за подобрување на системот и институционалните механизми за заштита од дискриминација. Притоа, новиот закон предвидува значително подобрување на работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, преку проширување на нејзините надлежности на полето на промоција на еднаквоста и подигање на свеста на јавноста, како и јакнење на нејзината независност, компетентност, транспрентност и отчетност.
Меѓутоа, во пракса изостанува спроведувањето на новиот закон поради неформирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во законски предвидениот рок во август 2019 година. Ваквата ситуација придонесува за опстојување на дискриминаторните практики во нашето општество, при што лицата кои се дискриминирани немаат каде да се обратат за помош и поддршка за заштита на своите човекови права.
За таа цел, апелираме до Собранието на Р.С.Македонија, односно Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, во најкус можен рок, да спроведе транспарентна постапка за избор на новите членови на КСЗД преку:
- Распишување на јавен оглас за избор на членови на КСЗД во најмалку два дневни весника кои се издаваат на целата територија на државата, како и објавување во Службен Весник и на интернет страницата на Собрание;
- Организирање јавна расправа со учество на сите засегнати страни, на која јавноста ќе биде информирана за пријавените кандидати и нивните биографии, по што ќе биде утврдена предлог-листа за усвојување од страна на Собрание на Р.С.Македонија;
- Избор на членови на КСЗД врз основа на законските критериуми и почитување на принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество.
Здружението ЕСЕ во соработка со Институтот за човекови права и со поддршка на Британската амбасада во Скопје, подготвија Проценка на законскиот мандат и на надлежностите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во оваа проценка детално се утврдени сите предуслови за подобрување на транспарентноста, отчетноста и ефективноста во работата на новата Комисија, кои треба да бидат преземени пред, како и непосредно по изборот на новите членови на ова тело.
Повеќе информации за проценката и предусловите за ефективна имплементација на новиот закон може да најдете на следниот линк.