За греењето на скопјани зимава ќе се грижат три фирми. „ЕСМ снабдување со топлина“ ќе ги наплаќа сметките. Со него раководи шефот на изборниот штаб на ДУИ, Месуд Јакупи. „ЕСМ дистрибуција на топлина“ ќе ја превземе топловодната мрежа, каде за директор е назначена Менка Јовановска.
Најважното претпријатие „ЕСМ производство на топлина“, ќе треба да пронајде начин како со набавка на природен гас ќе затоплува околу 60.000 скопски домаќинства. Прв човек таму е Златко Пиперкоски, електроинженер кој лани беше разрешен од позицијата директор на РЕК Осломеј.
Компаниите се основани со 308 илјади евра. Ваквиот чекор следи откако Регулаторна ги одзеде сите три лиценци за работа на БЕГ. Сепак, дел од нивните вработени ќе бидат вклучени и во новите тимови, објави Сител.
Антикорупциска отвори предмет за изборот на ќерката на Талат Џафери, Бесијана Џафери Беќири, да биде член на надзорен одбор во еден од трите тима на ЕСМ кои треба да вршат производство, дистрибуција и снабдување со толинска енергија. Оттаму велат дека ќе испитуваат дали таа може да ја извршува доделена функцијата.
„Избрано и именувано лице, одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице со доминантен државен капитал не може да врши функција на член на управен одбор или на друг вид надзорен одбор.Ние сакаме да потврдиме дали таа е или не е, избрано или именувано лице. Од друг апсект таа не може да врши надзор, ако сакате да ја поврзете со таткото Џафери, на функција врз блиско лице. Сега дали се тие блиски лица, дали живеат во исто домаќинство и тоа е под знак на прашање и дали надзорниот одбор ќе врши надзор над Собранието. Тоа сигурно нема да врши, останува првиот дел да се провери.“, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
Од Електрани на Македонија, пак, велат дека Бесијана е веќе вработена во ЕСМ, а членството во претпријатието е дополителна работна обврска.
„Бесијана Џафери Беќири е вработена како правник во секторот за развој и инвестиции и е член на назорот на едно од ДООЕЛ-ите. Во текот на изминатата грејна сезона вклучена беше во работни задачи при процесот на менаџирање на БЕГ од страна на АД ЕСМ, кои задачи ги изврши на највисоко професионално ниво, како впрочем и сите други споменати вработени“, стои во соопштението.