ЕСМ го презема управувањето на БЕГ, има детали од потпишаните три договори

По донесената Одлука од Владата на Северна Македонија и одобрување на текстот на договорите, АД ЕСМ од 22 јануари 2022 година влезе во привремено управување на Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје и на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода АД Скопје Север во стечај.

– АД ЕСМ потпиша три договори за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на „Балкан Енерџи“, (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на „Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје“ преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписа, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, „Балкан енерџи“ нема да смее да врши исплати и да склучува договори – се наведува во соопштението на компанијата.

Средствата кои АД ЕСМ ќе ги добие од Владата на Р. Северна Македонија за справување со кризата со снабдување со топлинска енергија, велат од компанијата, ќе се уплатуваат повремено, во потребни износи, на наменската сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори согласно договорот и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.

– Средствата од шест милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во „Балкан енерџи“, за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес. „Балкан енерџи“ секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои му пристигаат на неговите други сметки – посочуваат од ЕСМ.

Додека трае договорот за деловно-техничка соработка, појаснуваат од ЕСМ, „Балкан енерџи“ ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и со согласност и врзан потпис од прокуристот.

– „Балкан енерџи“ гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на Балкан енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023 година, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона – укажуваат од Електрани на Северна Македонија.

ЕСМ се обрза да поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.

Владата го задолжи АД ЕСМ да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во градот Скопје со оглед на тоа што АД ЕСМ е најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. АД ЕСМ, исто така поседува свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје и оттука располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.

– Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија – се истакнува во дописот на ЕСМ до медиумите.