ЕУ ѝ дава 500 милиони евра на Украина за вооружување, а некои земји и авиони

Европскаа унија ќе намени 450 милиони евра за укранската војска за набавка на смртоносно оружје и уште 50 милиони евра за набавка на заштитна опрема и гориво, а некои земји членки се подготвени на Украина да ѝ достават и борбени авиони, изјави во неделата високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, во потег кој може да предизвика пожестоки руски напади во оваа земја.

„Постигнат е договор да се обезбеди оружје за украинската војска во вредност од 450 милиони евра и уште 50 милиони за заштитна опрема и гориво“, изјави Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки.

Ова е првпат ЕУ да финансира купување оружје за некоја земја, иако претходно речиси сите земји членки веќе најавија одделно испраќање оружје во Украина.

Европскиот мировен механизам е вонбуџетски инструмент кој ѝ овозможува на Европската унија итно да дејствува за поддршка на глобалниот мир и безбедност преку помош кој има воена и одбранбена импликација. Овој предлог на Борел следеше по директното барање на украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.

„Денеска е урнато уште едно табу, а тоа е дека ЕУ никогаш нема да троши средства за набавка на вооружување за нападната држава“, го образложи потегот Борел.

Во понеделник е закажан и вонредниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки, на кој исто така ќе се разговара за дополнителна помош на Украина.

Борел рече дека шефовите на дипломатиите во ЕУ ги поддржале предлозивте кои претходно ги претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Тоа се затворање воздушниот простор за руските авиони, забрана за руските државни медиуми и нов пакет санкции против Белорусија, којашто е обвинета дека наводно е активен учесник во руската операција.

Имајќи предвид дека овој состанок беше виртуелен и неформален, одлуките со законска сила ќе бидат наскоро донесени во надлежните тела на ЕУ.

Борел предупреди дека Русија „нема да се запре на Украина и дека затоа е потребно да се обрати посебно внимание во Молдавија, Грузија и западен Балкан“.