Европската комисија ги одобрила досега сите барања за извоз на вакцините против Covid-19, вклучително и извоз во Велика Британија, САД, Кина и Јапонија, откако го воспоставила механизмот за контрола на извозот на вакцините, изјави во четвртокот портпаролката на Комисијата.
Овој потег би требало да ги ублажи стравувањето на глобалните партнери поврзани со подготвеноста на Европската унија да дозволи одлив на вакцините, иако европскиот блок се соочи со големо нарушување во синџирот за испораки и доставување на веќе нарачаните дози од вакцините.
Европската комисија во периодот од 30-ти јануари до 10-ти февруари одобри 37 барања за извоз на вакцините против Covid-19 во 21 земја, соопштила портпаролката на Комисијата без да ги наведе поединостите за количествата извезени од погоните на територијата на ЕУ, повикувајќи се на доверливоста на податоците.
ЕУ пред воспоставувањето на извозниот мониторинг извезла милиони дози од вакцината во Велика Британија, Израел, Кина и Канада. Според неименуван функционер на ЕУ, извозот на вакцините од крајот на јануари се однесувале само на препаратите на американските компании „Pfizer“ и „Moderna“, пренесува агенцијата Reuters.
Земјите коишто по 30-ти јануари примиле вакцини произведени во ЕУ се Австралија, Бахрен, Велика Британија, САД, Канада, Кина, Јапонија, Саудиска Арабија, Колумбија, Чиле, Коста Рика, Еквадор, Кувајт, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Панама, Катар, Сингапур и Обединетите Арапски Емирати.
Имајќи ја предвид важната улога на ЕУ во меѓународниот синџир за снабдување со вакцината, одлуката на Унија да го воспостави извозниот механизам предизвика глобално незадоволство.
Оваа одлука инаку следеше откако англо-шведскиот производител „AstraZeneca“ значително ја намали испораката на својата вакцина во ЕУ и ги извести европските функционери дека не може да ја достави вакцината произведена во нејзиниот погон во Обединетото Кралство поради обврските кои ги има според договорот со британската влада, изјави за Reuters во јануари европски функционер.