![swift](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/swift.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Европската унија им дозволи на европските банки да користат алтернативни SWIFT методи за примање налози за плаќање од руски кредитни институции кои се исклучени од меѓународниот платен систем, но не подлежат на санкции, пренесува РБК.
Порталот се повикува на појаснувањата на ЕУ од 28-ми февруари, од кои произлегува дека таквите алтернативни канали можат да бидат „неспецијализирани услуги за финансиски пораки“: хартија, факс, електринска пошта и слично.
„Банките кои не се вклучени во списокот со санкции сè уште можат да вршат трансакции со европски кредитни институции за несанкционирана трговија (односно, незасегнати од ограничувањата за извоз или увоз)“, се вели во написот.
РБК забележува дека таквите финансиски институции вклучуваат, на пример, Роселхозбанк.
До денес „Сбербанк“, ВТБ, „Откритие“, „Новикомбанк“, „Промсвјазбанк“, „Росија“, „Совкомбанк“ се исклучени од SWIFT. Последниот пакет санкции на ЕУ, одобрен минатата седмица наметнува ограничувања и за „Алфа-Банк“, „Тинкоф банка“, „Росбанк“, РРДБ и „Банката на Далечниот исток“.
На SWIFT се поврзани повеќе од 11.000 банки во речиси сите земји во светот, а Русија е исклучена од системот неколки дена по почетокот на нејзината инвазија во Украина и се очекуваше дека ќе предизвика крах на руското финансиски и стопански сектор. Русија има сопствен систем за пренесување на финансиските пораки, кој го креираше нејзината централна банка како одговор на ризикот од можното исклучување на руските банки од меѓународниот меѓубанкарски систем.
Москва постојано забележува дека Западот нема храброст да го признае неуспехот на санкциите против Русија. Во самите западни земји се почесто се слушаат мислења дека рестриктивните мерки се неефикасни.
Што е SWIFT
SWIFT, односно Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication, е глобалната финансиска артерија којашто овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите. Функционира како систем за брза размена на пораки со коишто корисниците се информираат кога парите се испратени и кога стасале на сметките.
Воспоставен е во 1973 година во Белгија и поврзува 11.000 банки и финансиски институции во повеќе од 200 земји и региони во светот. Низ него дневно минуваат повеќе од 40 милиони пораки и 1.000 милијарди долари трансакции на компании и влади. Се смета дека руските плаќања преку мрежата изнесуваат повеќе од 1 отсто од пораките.
Кој го контролира?
SWIFT-от заеднички го воспоставија американски и европски банки за ниедна од нив да не развие сопствен систем и со тоа да се стекне со монопол на прекуграничните парични трансакции.
Мрежата денес е во заедничка сопственост на повеќе од 2.000 банки и финансиски институции. Ја надгледува централната банка на Белгија во партнерство со водечките централни банки од целиот свет, при што доминираат американската Federal Reserve (Fed) и британска Bank of England (BoE).
SWIFT на своите членки им овозможува безбедна меѓународна трговија и не би требало да зазема страни во судири. Од SWIFT соопштија дека немаат влијание на санкциите и дека секоја одлука за нивното воведување останува на владите.
Но од SWIFT во 2012 година, во рамките на меѓународните санкции беа исклучени иранските банки поради развојот на иранската нуклеарна програма. Според процените Иран со тоа загубил половина од приходите од извозот на нафта и 30 отсто од приходите од меѓународната трговија. Но подоцна избија низа афери со европски банки кои учестувале во прикриени трансфери со Иран, а ЕУ подготви нов механизам за да го замени откако САД по истапувањето од нуклеарниот договор од 2015 година наметнаа иста мерка.
Како исклучувањето би влијаело на Русија?
Руските компании би го загубиле пристапот до вообичаените и моментални трансакци кои SWIFT го овозможува и тешко би ги наплатувале своите скапи енергенси, минерали и руди, како и земјоделските производи. Банките веројатно би морале директно да работат една со друга, што би предизвикало доцнење во трансакциите и дополнителни трошоци, и на руската влада би ѝ ги скратило приходите.
Русија во 2014 година за малку ќе останеше надвор од SWIFT, но откако Москва порача дека тоа би претставувало потег еднаков на објава на војна, Западот не ја спроведе заканата во дело.
Но во секој случај Русија разви алтернативен систем SPFS. На овој систем отпаѓаа околу петтина од трансакциите во Русија во 2020 година, според податоците на тамошната централна банка, која сака тој удел да го зголеми до 30 отсто во 2023 година. Меѓутоа, SPFS не успеа позначајно да се афирмира по прашањето на глобалните транскации, но непознато е дали би можел да направи пробив во новонастанатите услови.
За да се подготви за таква санкција, руската влада го воспостави Мир, Националниот систем за картични плаќања, но во моментов го користат многу малку земји.
Голем ризик
Како што се предвидуваше, исклучувањето на Русија од SWIFT им наштетило и на компаниите коишто извезуваат стоки во Русија и купуваат од неа, особено на компаниите од Германија.
Поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин процени пред една година дека исклучувањето на Русија од SWIFT би можело да го намали нејзиниот бруто домашен производ (БДП) за 5 отсто.
Прашање е, исто така, дали блокирањето на пристапот до SWIFT на подолг рок би влијаело врз руската економија. Како што се претпоставвуаше руските банки би можеле да ги пренасочат плаќањата преку земји кои на Русија не ѝ воведоа санкции, како што е Кина која има сопствен систем на плаќање. Индија, која е еден од најголемите купувачи на руско вооружување и нафта, плаќањата со Русија во таков случај ги изведува во рупии и рубљи.
Компаниите со побарување кон Русија, пак, се принудени да пронајдат алтернативни канали за наплата. Ризикот од хаос во меѓународниот банкарски систем едноставно е преголем, сметаат некои економски аналитичари.