Амбасадорите на Европската унија и на САД во Македонија Аиво Орав и Џес Бејли попладнево во Владата имаа средба со премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев на која се разговарало за спроведувањето на Договорот од Пржино и за подготовките за одржување на предвремените парламентарни избори.
Имавме конструктивна средба со премиерот Димитриев на која ја повторивме нашата поддршка за кредибилни избори, како и нашата подготвеност да понудиме неопходна техничка и друга помош што ќе помогне да се создадат услови што ќе ги направат таквите избори можни, изјави по средбата Орав.
Со договорот од Пржино, посочи, е поставен 24 април како датум за избори. Договорот, исто така, наведе Орав, ги обврзува потписниците на структурни реформи, влучувајќи и мерки за обезбедување поголема слобода на медиумите, прочистување на Избирачкиот список и имплементација на сите препораки на ОБСЕ, ОДИХР, за да се овозможат слободни и фер избори.
Останува да се заврши значителна работа за да се исполнат тие услови. Пред распуштањето на Парламентот, а не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД во консултација со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе разгледаат дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори на 24 април. На средбата со Димитриев ги споделивме критериумите што ќе ги употребуваме во проценката. Овие критериуми ги споделивме и со лидерите на партиите потписници на договорот од Пржино со кои блиско соработуваме повеќе месеци. Критериумите исто така ќе ги направиме достапни и за јавноста, рече Орав.
Американскиот амбасадор Бејли истакна дека ќе ги понудат нивните погледи и ставови како пријатели на Македонија, земја која сакаат да ја видат како просперитетна демократија во рамките на евро-атлантската заедница.
Како и да е, на крајот зависи од Парламентот, Владата и вашите политички лидери да ги донесат одлуките. Тие се одговорни за повторното поставување на земјата на евроатлантскиот пат. Исто така, повторно ги охрабруваме партиските лидери да се воздржат од напади на официјални претставници чија задача е да создадат услови за кредибилни избори бидејќи тие вршат тешка работа. Таквата реторика не помага и ја поткопува вербата дека изборите можат да се одржат под услови кои би овозможиле тие да бидат прифатени од сите како слободни и фер, рече Бејли.
По изјавите на двајцата амбасадори, на новинарите им беше поделен документ во кој се содржани критериумите што ќе ги користат ЕУ и САД при проценката што ја најавија. Во критериумите е наведено дека ДИК мора да биде целосно обезбедена со персонал и финансии. Што се однесува до Избирачкиот список мора да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевантни податоци за да се добие добра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување, вклучително и теренските проверки. Таа мора да има веродостојна програма и доволно време и ресурси за да може да ги истражува и да одлучува по неправилностите што ќе се откријат за време на вкрстената проверка, се вели во документот што е доставен и до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА.
Се наведува дека мора да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имиња кои не припаѓаат во Избирачкиот список, како и да бидат воведени соодветни механизми за обележување на имињата кои нема да можат да бидат отстранети, но за кои ќе биде потребна дополнителна проверка. Мора да постои опсежен и фер механизам за разгледување на желбите што ќе произлезат од процесот на прочистување на Избирачкиот список, а ОБСЕ да биде поканета да ја набљудува процедурата, предвидуваат критериумите.
Како што беше договорено на 2 јуни, стои во документот, четирите партии мора да постигнат договор за медиумските реформи. Телевизиите мора да демонстрираат усогласување со законските барања од членот 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги и да обезбедат „објективно и непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, како и со другите закони што бараат фер пристап кон медиумите.
Во критериумите што ќе се користат за проценка на спроведувањето на обврските од Пржино ЕУ и САД наведуваат и дека „мора да бидат преземени мерки што ќе обезбедат доволна одвоеност на државата од активностите на политичлите партии со што ќе се санкционираат злоупотребите.
Високите јавни функционери мора да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените во јавната администрација и оти ниту еден вработен или граѓанин нема да се плаши за своето вработување или примање социјални услуги како резултат на поддржување или неподдржување на која било политичка партија или кандидат. Веродостојните тврдења за притисок или заплашувања мора да бидат брзо и темелно истражени таму каде што е соодветно гонети од релевантните власти, се вели во документот и се истакнува дека ЕУ и САД се посветени кон тоа да работат со властите и со четирите политички партии за задоволување на наведените услови.