ЕУ и Јужна Кореја: Поддршките на САД за купување електрични возила ги кршат правилата на СТО

Европската унија и Јужна Кореја се загрижени поради најновиот американски законски предлог со кој се субвенционира купувањето електрични возила, оценувајќи дека тоа би можело да ги дискриминира возилата од странско производство, со што се кршат прописите на Светската трговска организација (СТО – WTO).

Според законот за клима и енергија во износ од 430 милијарди долари, кој американскиот Сенат го усвои во неделата, би било укината горната граница на постојниот даночен кредит од 7.500 долари за купувачите на електрични возила и би биле воведени некои ограничувања, меѓу кои и забраната за користење даночен кредит за возила коишто не се склопени во Северна Америка. Законот ќе стапи на сила откако ќе ги потпише американскиот претседател Џо Бајден.

Споменатиот предлог-закон, исто така, вклучува одредби со коишто се забранува користење компоненти од батерии и ретки минерали коишто потекнуваат од Кина.

„Мислиме дека тоа ги дискриминиран странските производители во однос на американските. Секако, тоа значи дека е некомпатибилно и со СТО“, изјави портпаролката на Европската комисија, Мирјма Гарсија Ферер.

Таа на брифингот со новинарите изјавила и дека ЕУ се согласила со САД дека даночните кредити се важни за поттикнување на побарувачката на електрични возила и промовирање на транзицијата на одржлив транспорт и намалување на емисиите на стакленичките гасови.

„Меѓутоа, мораме да обезбедиме воведените мерки да бидат чесни и недискриминаторски. Оттаму, продолжуваме да ги поттикнуваме САД да ги отстранат тие дискриминирачки елементи од законот и да се обезбеди тој да биде целосно во согласност со СТО“, рекла Гарсија Ферер.

Јужна Кореја претходно во четвртокот изрази загриженост дека американскиот предлог потенцијално би можел да ги крши прописите на СТО и билатералниот договор за слободна трговија. Јужнокорејското министерство за трговија објави во соопштение дека побарало од американските трговски власти да ги ублажат барањата по прашањето на батериските компоненти и склопувањето на возилата.

Министерството во Сеул одржало состанок со произведувачот на автомобили „Hyundai Motor“, како и со произведувачите на батерии за електричните возила „LG Energy Solutions“, „Samsung SDI“ и SK, на кој овие компании побарале Јужна Кореја да ги поддржи за да американските прописи не би ги ставиле во неповолни конкурентски позиции на пазарот во САД, се наведува уште во соопштението.

Јужнокорејското здружение на автомобилската индустрија во петокот извести дека упатило писмо во американскиот Претставнички дом во кој бараат САД да ги вклучи и електричните возила и батериските компоненти произведени и составени во Јужна Кореја во системот на даночните кредити, повикувајќи се на договорот за слободната трговија меѓу Вашингтон и Сеул.

Од „Hyundai Motor“ изразија разочарување бидејќи сегашниот законски предлог сериозни го ограничува пристапот на Американците до нивните електрични возила, и може драматично да го забави преминот на одржлива мобилност на овој пазар. Компанијата, којашто на американскиот пазар ги испорачува своите електрични возила склопени во јужнокорејските погони, неодамна најави вложувања во САД од 10 милијарди долари, кои ќе вклучуваат и проектирање производство на електрични возила во сојузните држави Алабама и Џорџија.

Уште минатата седмица група големи произведувачи на автомобили предупредија дека мнозинството модели електрични возила нема да бидат погодни за одобрување на даночните кредити поради законската одредба според којашто деловите од нивните батерии и ретките минерали мора да ги набавуваат од Северна Америка.

Во Вашингтон се наведува и дека даночните олеснувања за електричните возила се дел од предлог-законот за намалување на инфлацијата, кој веројатно ќе биде усвоен подоцна во петокот во Претставничкиот дом, па потоа упатен на потпис од претседателот Џо Бајден.