Велика Британија и Европската унија на 3 март ќе ги почнат преговорите за своите идни трговски односи, јави „Гардијан“.
Според весникот, преговарачките групи, кои и натаму ќе бидат предводени од Ричард Фрост од британска страна и Мишел Барние од Европската унија, имаат тешка задача да ги завршат дебатите до 31 декември годинава. Тогаш завршува таканаречениот преоден период, откако Велика Британија за неколку дена, на 31 јануари ќе ја напушти ЕУ.
Брисел смета дека е преамбициозно да се очекува за само 10 месеци да завршат преговорите за сите сложени трговски прашања, но британската Влада, предводена од премиерот Борис Џонсон, нема намера да го продолжи преодниот период.
Обединетото кралство требаше ЕУ да ја напушти уште на 29 март 2019 година, но датумот беше повеќепати одложуван, бидејќи пратениците не можеа да се договорат за условите за излезот од ЕУ. Џонсон, чија партија успеа убедливо да победи на предвремените парламентарни избори во декември, ги придвижи работите напред.