ЕУ: Меј и Јункер постигнуваат „добар напредок“ во напорите за прекин на застојот околу брегзитот

Лондон и Брисел постигнуваат „добар напредок“ во своите напори да го прекинат застојот во преговорите околу истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, изјави портпаролката на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по неговиот состанок со британската премиерка Тереза Меј во понеделникот.

Јунекер и Меј се согласиле околу „потребата да ја завршат оваа работа навреме“, пред состанокот на челниците на ЕУ на 21-ви март, изјави портпаролката на ЕК по нивниот состанок на маргините од самитот Европска унија – Арапска лига во египетското летувалиште Шарм ел-Шејк.

Нивните напори се фокусирани на три области: промената на политичката изјава која го следи правно обврзувачкиот договор за раздружувањето, алтернативните аранжмани коишто може да го заменат проблематичниот ирски „бекстоп“ и можните дополнителни гаранции во врска со карактерот на „бекстопот“.

Британскиот парламент го отфрли договорот за брегзитот кој премиерката Меј го постигна со Брисел во ноември. Главниот проблем е ткн „бекстоп“, заштитниот механизам со кој треба да се избегне повторното воспоставување на граничните контроли меѓу Република Ирска, која е членка на ЕУ, и Северна Ирска, која е покраина на Обединетото Кралство, што е во спротивност со мировниот договор за ирскиот остров.

Запрашана дали ќе има доволно време за правните постапки кои се потребни за брегзитот да мине лесно на 29-ти март, имајќи предвид дека зададениот рок е 21-ви март, портпаролоката на ЕК рекла дека институциите на ЕУ „се способни брзо да дејствуваат и брзо да носат одлуки кога тоа е потребно“.