ЕУ мора да ја надмине кризата и да продолжи понатаму

Како што соопшти кабинетот на македонскиот претседател, Иванов и Фишер размениле мислења за актуелните случувања во Европа и Европската унија, мигрантската криза и предизвиците со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа.

Македонскиот претседател изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Австрија на стратешките цели на Република Македонија и задоволство од соработката во справување со мигрантската криза.

Фишер изразил задоволство од начинот на кој Република Македонија успешно се справува со мигрантскта и бегалската криза. Во таа насока, Иванов и Фишер биле согласни дека е неопходна засилена безбедносна соработка меѓу сите земји од Европскиот континент. Воедно, соговорниците констатирале дека политиката на проширување на Европската унија мора да продолжи и дека интеграцијата на Балканот е од суштинско значење за севкупниот мир, безбедност и стабилност во регионот. Осврнувајќи се на состојбите и последните случувања во Европската унија, двајцата соговорници се согласиле дека Унијата стагнира и се соочува со се поголем број проблеми. Сепак, Иванов и Фишер, како што е наведено во соопштението, сметаат дека наспроти ваквата состојба Европската унија мора да ја надмине кризата и да продолжи понатаму.

1

На средбата биле разменети информации за актуелните политичко-економски состојби во Република Македонија и Република Австрија.

Македонскиот претседател му се заблагодарил на Фишер за целокупниот личен ангажман и вложените напори во унапредување на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Република Австрија, што резултираше со зголемена соработка во повеќе области од заемен интерес, и изрази надеж за нејзино интензивирање и продлабочување и во иднина.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Австрија, по повод учеството на Конгресот на Паневеропската унија, од каде порача дека заморот од проширувањето на ЕУ доведе до ретроградни процеси во нашиот регион.

Поранешниот австриски претседател Хајнц Фишер важи за долгогодишен пријател на Република Македонија и еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ, а токму Австрија беше иницијатор на Групата пријатели во Европскиот Парламент.‎ Во Австрија се закажани претседателски избори на 4 декември.