ЕУ може да одобри одложување на брегзитот

Европската унија е подготвена да одобри кусо одложување на излегувањето на Велика Британија, доколку оцени дека на Лондон ќе му биде потребно повеќе време пратениците во британскиот парламент да го поддржат договорот за раздружување, соопштиле во вторникот европски функционери.

Европските челници сѐ посилно ја наговараат британската премиерка Тереза Меј да го продолжи преговарачкиот рок, имајќи предвид дека британскиот парламент е поделен околу договорот кој таа го договори со Брисел. Со продолжувањето на рокот би се избегнале нарушувања кои би настанале со неуредениот брегзит. Меј во вторникот понуди можност за кусо одложување, а Брисел на тоа позитивно одговорил.

„Доколку поднесе барање за одложување, ЕУ ќе биде наклонета“, рекол за Reuters неименуван фунцкионер на Унијата. „Добро е да се слушнат рационални аргументи“ во Велика Британија, оценил друг европски функционер. Третиот соговорник на агенцијата од ЕУ рекол дека продолжувањето „би било во согласност“ со размислувањата во Европската унија за тоа како конечно да се спроведе брегзитот.

Меј на британските пратеници им кажала дека разговорите со европските функционери „добро напредуваат“. Таа бара измени на договорот за ткн „бекстоп“, заштитен механизам за границата на ирскиот остров, со кој се сака по брегзитот да се осигури да не дојде до повтрно подигнување физичка граница.

Меј на пратениците во долниот дом од парламентот им вети ново гласање до 12-ти март за нејзиниот договор за брегзитот, откако тој беше одбиен минатиот месец. Доколку повторно загуби договорот на премиерката, парламентот до 13-ти март ќе гласа дали земјата треба да излеза од ЕУ без договор.

„Обединетото Кралство според тоа ќе замине без договор на 29-ти март, само доколку не постои изрична согласност за тоа во овој дом“, порача Меј. Доколку пратениците го одбијат брегзитот без договор, ќе може по третпат да гласаат за тоа дали треба од ЕУ да се побара „кусо, ограничено продолжување“ на преговорите, рече Меј.