Европската унија би требало да го разгледа заострувањето на санкциите на Хамас и наметнување санкции за израелските доселеници на палестинските територии кои меѓународната заедница ги смета за окупирани од Израел сметајќи ги за одговорни за насилствата на Западниот брег (на реката Јордан), наведува дипломатската служба на ЕУ во документот кој е подготвен за средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки.
Документот, во кој увид имала агенцијата Reuters во средата, им дава опции на министрите за надворешни работи кои тие би требачло да ги разгледаат на состанокот во Брисел во понеделник, во врска со одговорот на ЕУ на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во другата палестинска енклава Појасот Газа, како и подготовки за она што ќе дојде по завршувањето на војната.
Хамас, палестинското радикално исламистичко движење кое на 7-ми октомври изведе напад без преседан во историјата на повеќедеценискиот судир со Израел според координираност, моќноста и бруталноста врз јужните погранични израелски воени вази, кубуци и градови при што уби најмалку 1.200 луѓе, од претходно е на листа на терористички организации во ЕУ, што значи дека сите средства коишто ги поседува во земјите членки би можеле да бидат замрзнати.
Меѓутоа, во споменатиот документ сега се предлага и Европската унија да ги „зајакне санкциите против Хамас и другите терористички групи“.
Одлуките за санкциите на ЕУ начелно бараат одобрување од сите 27 земји членки кои не успеаја да се договорат за заеднички став во однос на моменталната криза имајќи предвид дека различните земји имаат различни погледи на поширокиот израелско-палестински судир.
Високите функционери на ЕУ, вклучително и високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, исто така, изразуваат загриженост поради растечкото насилство на израелските доселеници против Палестинците на окупираната територија Западен брег. Палестинската самоуправа водена од претседателот Махмуд Абас, која управува со енклавата, известува за стотици палестински жртви од почетокот на годината и особено по почетокот на војната во Газа, при што за насилството ги обвинува израелските доселеници во нелегалните населби коишто ги подигнува Израел, и тврди дека за тоа имаат поддршка од израелската војска.
Документот за разговорите, којшто го подготвиле Европската служба за надворешна политика и други фунцкионери на Унијата, предлага одговорот да вклучува забрана за патувања во ЕУ за одговорните и санкции за кршење на човековите права на Западниот брег.