ЕУ направила план за купување руски гас без нарушување на санкциите

(AP Photo/Sergei Chuzavkov)

Европската унија разработила решение како да се увезува рускиот природен гас без да се прекршат санкциите од шестиот пакет наметнат на Русија поради нејзината воена интервенција во Украина, и да се исполни барањето на Москва енергенсите да бидат исплаќани во рубли, пренесува агенцијата Bloomberg повикувајќи се на свои извори.

Според соговорниците на деловната новинска агенција, на затворен состанок во петокот Европската комисија ги информирала земјите членки на ЕУ дека новото упатство јасно ќе стави до знаење дека компаниите може да отворат сметки во руската „Газпромбанк“ но притоа мора да ги вршат плаќањата во евра или во долари, и да се изјаснат дека со тоа сметаат оти нивните обврски од договорите се исполнети. Доколку се исполнети овие услови, регулаторот нема да ги смета постапките на компаниите како нарушување на санкциите.

На состаникот по ова прашање се појавиле низа несогласувања за ова праашање, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата. Додека Германија, Унгарија, Франција и Италија го поддржале предложениот план, Полска имала дополнителни нејаснотии околу правната страна на новата одлука, а нејзините претставници предложиле за прашањето да се одржи состанок на ниво на амбасадори на земјите членки на ЕУ.

Некои земји, исто така, биле незадоволни од тоа што новото упатство не укажувало јасно дали европските компании можат да отвораат сметки во рубли во „Газпромбанк“. Според Bloomberg, овој аспект е еден од клучните, бидејќи отворањето на сметки во рубли претходно се сметаше за кршење на санкциите, иако тоа не беше утврдено со документи.

Минатата седмица Bloomberg објави дека речиси 20 европски компании веќе отвориле сметки во „Газпромбанк“ за плаќање на испораките на рускиот гас, а уште 14 побарале список на документите кои се потребни за отворање такви сметки.

Од 1-ви април Русија, за оние земји коишто ѝ наметнаа санкции, започна да ги прима исплатите за гасот според нова шема, за да ги избегне доларот и еврото во трансакциите. Според шемата, купувачот во „Газпромбанк“ мора да отвори посебни сметки во валута и во рубли, и го префрла потребниот износ на првата сметка во валутата наведена во договорот, банката ја продава на Московската берза и ги префрла рублите на втората сметка од којашто на „Газпром“ му се плаќа за испорачаните количества. Одбивањето да се плаќа во руска валута, Москва ќе го смета за неисполнување на договорните обврски, беше посочено од руската страна.