ЕУ поднесе тужба против Лондон поради Северна Ирска

Европската комисија поднела четири тужби против Велика Британија во петокот поради наводно кршење на договорот за британското излегување од Европската унија што влијае врз увозот на стоки од Северна Ирска.

Европската комисија навела дека била присилена да дејствува, бидејќи Велика Британија од февруари годинава не учествувала во „полезна дискусија“ за ова прашање.

Во Брисел, исто така, се вознемирени поради Нацрт-протоколот за Северна Ирска, која е на пат кон парламентот. Со него британската влада сака парламентот да изгласа закон со кој еднострано ќе промени некои делови од договорот за брегзитот поврзани со Северна Ирска, на што ЕУ се противи и истакнува дека кршењето на меѓународниот договор е противзаконски.

Случајот може да дојде пред Европскиот суд на правдата, и доколку овој суд ја прогласи Велика Британија за кршење на договорот, Лондон ќе мора да плати казна.

Лондон и Брисел со месеци се обидуваат да го надминат застојот поради трговијата, бидејќи по излегувањето на Велика Британија од ЕУ всушност се создаде царинска граница во британската територија, меѓу Северна Ирска и остатокот од Обединетото Кралство.

Со протоколот за Ирска и Северна Ирска, кој го договорија Лондон и Брисел по брегзитот, се избегнува „тврдата“ граница меѓу терироијата на ЕУ и територијата на Обединетото Кралство кој според тоа повеќе не е дел од Унијата. Со Протоколот, така, се овозможува непречено функционирање на економијата на целиот поделен остров и се штитат сите одредби од Договорот на Велики петок, а и го осигурува и единствениот пазар на стоки на ЕУ.